Компасот на НАТО-кормиларот

Јасно е дека Европа е послаба без САД. Од натамошната тесна соработка полза можат да имаат и двете страни, но САД се тие што во моментов избираат да се држат настрана. Европа мора да ја преземе одговорноста за сопствената одбрана. Истото го кажуваат и Американците. Во пракса тоа значи дека Европа мора колку што е можно побрзо да ги замени капацитетите за кои САД во моментов се одговорни.

107

„Марк Руте не е сериозен – треба да биде сменет“. Ова е еден од насловите во скандинавските медиуми преку кои сѐ поотворено се поставуваат прашања за начинот на кој генералниот секретар на НАТО ја практикува својата лидерска позиција. Не е за првпат да бидат упатени остри критики кон улогата на Холанѓанецот Руте во однос на напорите за јакнење на трансатлантскиот одбранбен линк.

Шефот на НАТО му се улизува на Доналд Трамп и ја понижува Европа. Тоа не е во ред, се потенцира во коментарите. Таквите критички гледишта ги делат многумина кои неодамна учествуваа на Минхенската безбедносна конференција, но малкумина сакаат да зборуваат во свое име, особено оние кои моментно се носители на високи владини функции.






Сепак, тоа е неопходно, сметаат критичарите, поаѓајќи од анализа што не ги избегнува објективните околности – бидејќи се смета дека Марк Руте сѐ повеќе претставува вистински проблем. Гледано само од аспект на неговото улизување пред американскиот претседател, е доволно штетно однесување. Тоа веќе би требало да биде јасно, посебно по направените пируети во Давос.

Данците го задржаа својот став, одбивајќи да се помрднат ниту сантиметар во однос на Гренланд, и јасно и категорично ставија до знаење дека нема што да се дискутира кога станува збор за барањето на Трамп да го купи големиот остров. Данската премиерка Мете Фредериксен изјави дека ако САД го земат островот со сила, тоа би значело моментален крај на НАТО. За таквиот став доби целосна поддршка од други европски земји.

Американските политичари, вклучително и републиканците, протестираа против претседателот. Пазарите беа изложени на сериозни потреси. Ова го натера Трамп да се повлече, изјавувајќи во својот говор во Давос дека нема да употреби воена сила за да го добие Гренланд.

Марк Руте, по говорот на Трамп, се вклучи со свој предлог, уверувајќи го американскиот претседател, насамо, дека сепак вреди да се направи напор за дискусија. Набрзо се прошири информација дека Американците можеби ќе можат да ги одвојат деловите од островот каде што имаат бази. Веданаш потоа Фредериксен мораше повторно да ги повтори своите црвени линии: Гренланд не е на продажба – ниту кога станува збор за помали делови од островот.

За време на безбедносната конференција во Минхен, таа забележа дека заканата не е целосно исчезната. Тоа веројатно е вистина, а што во голема мера веројатно се должи на Марк Руте. Доналд Трамп може да ја намириса слабоста, бидејќи ако „сте го разголиле вратот, тоа е како да сте го замолиле да загризе“.

Сепак, најлошото, се чини, не е лицемерието или потчинетоста, туку начинот на кој Руте ја омаловажува способноста на Европа да се грижи за сопствената безбедност. „Секој што мисли дека Европа може да се одбрани без САД може да продолжи да сонува“, тврдеше шефот на НАТО неодамна пред Европскиот парламент.

Но колку е сериозно да се тврди такво нешто. Се смета дека Европа не инвестирала доволно во својата одбрана, но кога станува збор за основниот економски и технолошки капацитет, сите компетентни проценки дефинитивно потврдуваат дека Европа располага со сила потребна да се грижи за себе. Нема сомнение дека тоа ќе се постигне доколку европските земји инвестираат 4-5 проценти од својот БДП за јакнење на одбранбените капацитети.

Јасно е дека Европа е послаба без САД. Од натамошната тесна соработка полза можат да имаат и двете страни, но САД се тие што во моментов избираат да се држат настрана. Европа мора да ја преземе одговорноста за сопствената одбрана. Истото го кажуваат и Американците. Во пракса тоа значи дека Европа мора колку што е можно побрзо да ги замени капацитетите за кои САД во моментов се одговорни.

Токму затоа, НАТО има потреба од лидер кој ќе обезбеди претпоставки да се случи таква промена и приспособување на новите реалности. Алијансата не може да има лидер кој подбивно се преправа дека такво нешто не може да се спроведе.

Но и покрај сето улизување и сервилност пред американскиот претседател од страна на генералниот секретар, НАТО сепак не успева да ги сокрие пукнатините во Алијансата. Посебно кога се работи за самите темели на Алијансата, дека сите ќе се вклучат во колективната одбрана доколку некоја членка биде нападната. Фамозниот член 5 за колективните гаранции остана малку замаглен по разните изјави на Трамп во изминатиот период околу неговото толкување и дефинирање.

Во исто време воопшто не се ретки и критичките гласови дека дебатата за потребите на Европа од зголемено вооружување го изгубила контактот со реалноста, поаѓајќи од прашањето дали издвојувањето на петте проценти од БДП на членките на НАТО се утврдени како разумна цел за зајакнување на одбранбените капацитети, врз база на сериозно и соодветно критичко испитување?

Суштината на таквите критики е дека всушност не постои оправданост во барањето причина зошто европските земји-членки на НАТО треба да издвојуваат ист дел од БДП како и САД за воени цели. Покрај членството во НАТО, Вашингтон има енормни одбранбени обврски во Азија против помоќен противник од Русија. Европските земји-членки на НАТО имаат само една јасно дефинирана мисија ‒ да изградат одбрана што ќе ја одврати Русија од напад врз некоја членка на Алијансата.

Населението на европските членки на НАТО е 4-5 пати поголемо од населението на Русија, кое се намалило на околу 140 милиони. Општата здравствена состојба не е добра, особено за машкиот дел од руското население. Европските мажи живеат петнаесет години подолго од Русите, и тоа во добра здравствена состојба. А на листата на најсреќни земји во светот доминира Европа.

Износ еквивалентен на 5 проценти од БДП би му овозможил во европските дел на НАТО буџет за одбрана кој, без придонесот на Украина, би бил десет пати поголем од оној на Русија. Аргументот на генералниот секретар на НАТО за таквото ниво на буџетски издвојувања е во голема мера поврзан со барањата кои доаѓаат од Вашингтон. Но колку е тоа погрешно, како изместена перспектива, доколку се смета дека одбраната на Европа треба да биде дизајнирана единствено за да го одврати Путин, а не за да го задоволи Трамп.

„Не разбирам како Марк Руте може да го каже тоа што го прави. Која му е поентата кога вели ‒ продолжете да сонувате дека можете без САД? Тој нè навредува кога го кажува тоа“, вели поранешниот естонски претседател Томас Хендрик Илвес, не избирајќи „дипломатски речник“ кога станува збор за шефот на НАТО. На Илвес, всушност, не му пречат првенствено улизувањата на Руте и неговите пофалби на „тато (daddy)“ Трамп, туку самиот начин на кој Руте со потценување зборува за Европа.

Компасот кој Руте како кормилар на НАТО кришум го вади од џепчето од елекот на костумот покажува насока околу која, очигледно, тешко се постигнува согласност.

Поврзани содржини