Компаниите во понеделник ќе го добијат даночниот календар за промените на даночниот систем
За компаниите кои бараат поголема извесност во поглед на промените на даночниот систем, даночниот календар ќе обезбеди попредвидлива деловна клима, како и намалување на сивата економија, отстранување на недоследностите од законите за извршување и за холдинг друштва.
Министерството за финансии најави дека во понеделник на својата интернет страна ќе го објави даночниот календар кој со години го бараа стопанските комори. Преку него, фирмите многу порано, шест месеци однапред, ќе ги знаат промените во даночната политика.
Ова на средба со претставници на коморите и здруженија од повеќе сектори го најави министерот за финансии Фатмир Бесими.
За компаниите кои бараат поголема извесност во поглед на промените на даночниот систем, даночниот календар ќе обезбеди попредвидлива деловна клима, како и намалување на сивата економија, отстранување на недоследностите од законите за извршување и за холдинг друштва.
На средбите се дискутирало за даночната реформа и за акцискиот план за годинава во однос на Стратегијата за реформа на даночниот систем за периодот 2021-2025 година.
– Реформите на даночниот систем се во насока на воспоставување современ, транспарентен, ефикасен даночен систем што се заснова на јасни правила и принципи и ќе се темели на современи дигитални технологиии и иновации во оданочувањето, во функција на постигнување на забрзан, инклузивен и одржлив економски раст – изјави Бесими.
На состанокот се дискутирало и за приоритетите на Стратегијата за реформа на даночниот систем коишто се во насока на поголема праведност во оданочувањето, поголема ефикасност и ефективност на даночниот систем за подобра наплата на приходите, намалување на неформалната економија, поголема даночна транспарентност, подобар квалитет на услугите и воведување еколошко (зелено) оданочување.
На состаноците присуствуваа претседателите на стопанските комори: Бранко Азески – на Стопанската комора на Македонија, Неби Хоџа – на Комората на Северозападна Македонија, Штефан Петер – на Советот на странски инвеститори, Виктор Мизо – на Асоцијацијата на компании со технолошки напредно производство, Ајдован Адемоски – на МАТТО, Патрик Мартенс – на Делегацијата на германско стопанство, Анета Антова Пешева – на МАСИТ, Нина Ангеловска – на Асоцијацијата за е-трговија и Драган Митковски – потпретседател на Сојузот на стопански комори.