КОМПАНИЈА НАПЛАТИ 308.000 ЕВРА ШТЕТА ЗА ОСИГУРЕН ИМОТ Кои се најголемите исплати во осигурувањето?

Во најголемите 5 исплатени штети се најдоа и осигурен воздухоплов, финансиска загуба и автомобил.

681

 

Највисоката исплатена штета покриена со осигурување, во првите девет месеци годинава, изнесува 308.000 евра. Станува збор за осигуран имот на правно лице.  Во овој период кај најголемата доброволна осигурителна класа – осигурување имот се исплатени штети во вкупна вредност од 7,6 мил.евра, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизја на осигурување (АСО).






Втората највредна исплатена штета е за одговорност од осигуран воздухоплов. За настаната штета од тоа осигурување се исплатени 232.000 евра.

Во петте најголеми исплатени штети по една е за задолжително осигурување од автомобилска одговорност, за зелена карта и за осигурување од финансиски загуби.

По основ на задолжителна автомобилска одговорност осигурителна компанија, во овој период, исплатила 173.000 евра. За покривање финансиски загуби осигуреник од осигурително друштво наплатил 141.000 евра. За штета покриена со зелена карта осигурителна компанија на осигуреник исплатила 100.000 евра.

Во периодот јануари- септември најголемата штета исплатена за осигурани стоки во превоз (карго) изнесува 80.000 евра. Кај каско осигурување моторни возила по една штета биле исплатени 45.000 евра. Кај осигуран имот на физичко лице најголемиот износ за штета што го исплатила компанија за осигурување изнесува 48.000 евра.

Во доброволната класа со најмногу активни договори – осигурување од незгода за 9 месеци највисоката исплатена штета изнесува 58.000 евра. Кај приватното здравствено осигурување најголемата исплатена штета за овој период 10.000 евра, а кај патничкото осигурување 23.000 евра.

Осигуреници наплатија вкупно 47 милиони евра штети од осигурителните компании за неживотно осигурување.Вкупниот износ на исплатените штети за периодот јануари-септември е за 6,9 милиони евра или 17 отсто повисок во однос на истиот период лани. Вкупно 11 компании за неживотно осигурување во овој период исплатиле 55.008 штети што е за 20 отсто повеќе од истиот период минатата година.

Поврзани содржини