КОМПЈУТЕРИ, КУРСЕВИ ЗА АНГЛИСКИ ЈАЗИК, ПОДДРШКА И МЕНТОРСТВО Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ ќе им помага на децата без родители
Фондацијата потпиша меморандум со Детскиот дом „11 Октомври“ со кој се обврза на штитениците да им обезбеди разни обуки и да им помага во подготовката за вработување
Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ на децата без родители ќе им обезбедува компјутери, курсеви за англиски јазик, обуки за компјутерски вештини итн, за што денеска во Скопје беше потпишан меморандум за соработка помеѓу Розетка Влаховиќ, в.д. директорка на ЈУ Детски дом „11 Октомври“ и Александар Марјановиќ, извршен директор на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ.
Со овој меморандум Фондацијата се обврзува дека на децата без родители, кои се сместени во згрижувачките семејства и во малите групни домови со помош на донации од организации и индивидуалци ќе им обезбедува компјутери, курсеви за англиски јазик, обуки за компјутерски вештини, ќе им помага во подготовката за вработување и ќе реализира менторска програма „еден на еден“.
Детскиот дом пак, ќе се грижи за приемот и доставувањето на компјутерите до своите штитеници и ќе обезбеди простор за изведување на обуките, предавањата и настаните. „Целта е децата без родители и родителска грижа што подобро да се подготват за самостојно живеење, стекнувајќи знаења, вештини и поддршка во областа која самите ќе ја одберат“, се вели во соопштението од Фондацијата.
Според директорката Влаховиќ, овие донации ќе им дадат подобра шанса за успех во животот на децата без родители.
„Тие, како резултат на оваа соработка ќе добиваат компјутери, обуки за англиски јазик и дигитални вештини и најважното, менторска поддршка. Накусо, тие добиваат надеж за подобра иднина, знаејќи дека на светов постојат благородни луѓе кои мислат на нив.“, вели Влаховиќ.
Според Александар Марјановиќ, да му се помогне на дете без родители да започне самостоен живот е една од најблагородните нешта во животот која некој може да ја направи.
„Во духот на вредностите на мојот татко, Ѓорѓи Марјановиќ, на децата ќе им помагаме со сè што е потребно за да стекнат знаења, вештини и поддршка со кои ќе дојдат до достоинствена работа. На тој начин ќе ја оствариме и нашата цел, Македонија да им стане пристојно место за живеење“, вели извршниот директор Марјановиќ.