КОМОРАТА МОРА ДА ПРОВЕРИ ДАЛИ ДОКТОРОТ БИЛ НА „БЕЛО“ КОГА ЛЕКУВАЛ Филипче бара истрага за можни ризици по пациентите
По скандалозната снимка со наводна употреба на дрога, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, бара реакција од Лекарската комора и сериозна проверка дали директорот на Клиниката за неврологија, Игор Кузмановски, лекувал пациенти во таква состојба.
Претседателот на СДСМ и неврохирург, Венко Филипче, изјави дека Лекарската комора мора да реагира и да направи проценка дали лекар во состојба во каква беше фатен директорот на Клиниката за неврологија, Игор Кузмановски, може да лекува пациенти.
– Сметам дека е добро што е разрешен веднаш и многу брзо. Но, Лекарската комора треба да реагира и да направи проценка дали и колку време наназад се случувало тоа, односно дали во таква состојба доктор воопшто може да лекува пациенти. Тоа е многу сериозно прашање – изјави Филипче, додавајќи дека евентуално би можеле да бидат загрозени животи на пациенти.
Реакцијата на Филипче следи по објавата на видео на социјалните мрежи, на кое се гледа лице слично на Кузмановски како зборува за купување кокаин, а притоа подготвува линии за шмркање во домашна атмосфера.
Лекарската комора на Македонија соопшти дека е запознаена со случајот на разрешувањето на директорот на Клиничката болница во Битола, д-р Александар Кузмановски. Од Комората велат дека ќе ги приберат сите потребни информации и документација пред да донесат каква било одлука или да преземат мерки.
„Комората ќе го разгледа случајот во согласност со своите надлежности и постапки предвидени со Законот и Статутот. Доколку се утврдат евентуални повреди на етичките принципи или професионалната одговорност, ќе биде поведена соодветна постапка“, стои во соопштението.
Од таму додаваат дека Лекарската комора секогаш настапува непристрасно и во интерес на заштита на угледот на лекарската професија и правата на пациентите.
По појавувањето на видеото, министерот за здравство Азир Алиу соопшти дека Кузмановски е разрешен од функцијата директор на Клиниката за неврологија.
Кузмановски, пак, си извини преку Фејсбук, наведувајќи дека инцидентот се случил пред да ја преземе функцијата директор и дека се кае за своите постапки.
– Тоа е постапка со која не се гордеам и сметам дека е момент на моја слабост. Се повлекувам од функцијата задоволен со резултатите што ги постигнавме со тимот. Ќе продолжам да работам како доктор и да спасувам животи – напиша Кузмановски.
Од ВМРО-ДПМНЕ, чиј кадар е Кузмановски, соопштија дека ја поддржуваат одлуката за негово разрешување и бараат институциите да постапат според закон и процедура.