КОМИТИТЕ ГИ ИМА ВО УЧЕБНИЦИТЕ, А ВОЈСКАТА НА УЧК НЕ ЗНАЧИ НИШТО ЗА МАКЕДОНИЈА Министерката Јаневска одговори на критиките од ДУИ
Во оваа држава, војната, конфликтот, кој како сака да го нарече, предизвика жртви на сите инволвирани страни. Сите мајки исто плачат, сите мајки исто жалат. Наместо да се потрудиме да го заборавиме тој конфликт, и да ги образуваме децата на она што јас го кажувам, ние малите деца ги учиме на воинственост, на држење оружје, на некакви позиции за стрелање, на нешто што не е поврзано со нашата историја, порача министерката за образование Весна Јаневска.
„Комитите се дел од историјата на државата Македонија и тие се влезени во наставните програми. Комити биле и Македонци, и Албанци, и Турци, и други етникуми. Се бореле во Втората светска војна против заеднички непријател, а ние тие луѓе треба да ги чествуваме. Тие луѓе кои се бореле за слобода и за сопствена држава и за просперитет на сопствената држава“.
Вака министерката за образование Весна Јаневска одговори на реакцијата на ДУИ дека „не треба да се прави проблем од случајот со децата облечени во униформи на УЧК во училиштето во Челопек, исто како што не се правело проблем со децата во скопски Аеродром кои биле облечени во униформи на Комитите“.
Министерката рече дека восјката на УЧК и амблемите на УЧК за оваа држава не значат ништо.
– Во оваа држава, војната, конфликтот, кој како сака да го нарече, предизвика жртви на сите инволвирани страни. Сите мајки исто плачат, сите мајки исто жалат. Наместо да се потрудиме да го заборавиме тој конфликт, и да ги образуваме децата на она што јас го кажувам, ние малите деца ги учиме на воинственост, на држење оружје, на некакви позиции за стрелање, на нешто што не е поврзано со нашата историја. Ова е наша заедничка земја на сите граѓани кои живеат на оваа територија која се вика Македонија. Во оваа наша заедничка земја ние треба заеднички да ја градиме. Сите треба заеднички да чуваме одговорност кон неа, и љубов, и да имаме идеи за нејзин просперитет за да го подобриме животот на граѓаните. Младите се иднината на секоја земја. Кога ги образуваме децата, ние треба да ги образуваме на базичните човекови вредности, на недискриминација, на соживот, на разбирање, на емпатија. Најмалку што треба да има во училиштата е политика. Децата деца треба да растат во духот на патритоизмот, на традицијата, во почитувањето на вредностите – рече министерката.