КОМИСИЈАТА ЌЕ СЕ СОСТАНЕ ВО ПЕТОК Филипче смета дека не се потребни нови рестриктивни мерки
Министерот потенцираше дека во земјите каде што има висок процент на вакцинација, а има нови бранови, притисокот врз болниците е значително помал.
Ние со членовите од Комисијата сме во постојана комуникација и кога беше прилично мирна состојбата, практично на дневна основа, а во петок ќе имаме нов состанок со оглед на новите анализи, одговори министерот Филипче на новинарско прашање.
– Во однос на мерките, ќе ги слушнеме предлозите, како и согледувањата. Тоа што јас можам да кажам и од тоа како се одвиваат работите во регионот, сметам дека целокупните процеси да продолжат со превентивните мерки и инсистирање на механизми да се зголеми процентот на вакцинација. Денеска испративме писмо до сите матични лекари да ги повикаат на вакцинација сите свои прикрепени пациенти коишто не се вакцинирани и се надевам дека ова ќе биде уште еден механизам за мотивација и колку е битен овој процес – рече министерот.
Тој потенцираше дека во земјите каде што има висок процент на вакцинација, а има нови бранови, притисокот врз болниците е значително помал, истакнувајќи дека и во Македонија еден од главните критериуми за евентуално нови рестриктивни мерки ќе биде ризикот по болничките капацитети.
– Во моментов притисокот врз болничките капацитети го прават невакцинираните пациенти. Спасот е во вакцинацијата, како и почитувањето на оние превентивни мерки и протоколи за собирите – одговори Филипче.