КОМЕРЦИЈАЛНА СО РЕАКЦИЈА „Правда за штедачи“ врз основа на погрешни информации изнесува неточни заклучоци за докапитализацијата на Еуростандард
Здружението може да види како и во колку наврати Комерцијална банка излегла во пресрет на потребите на Еуростандард банка со цел да ѝ помогне на банката да го избегне најлошото сценарио - се вели во реакцијата од Комерцијална Банка.
За докапитализацијата на Еуростандард банка во 2019 година, на барање на г-динот Трифун Костовски и без никакво посредништво на НБРСМ, Комерцијална банка ѝ одобри кредит во износ од 10 милиони евра на неговата фирма Гофи, кој беше обезбеден со приходи од идна продажба на Еуролинк осигурување. Впрочем, ова беше објавено и како ценовно чувствителна информација од Комерцијална банка на Македонската берза. По продажбата на осигурителната компанија, кредитот на Комерцијална банка ѝ беше уредно вратен. Во документацијата на Еуростандард банка (во стечај), Здружението на штедачите точно може да види дека залогот на Еуростандард во Комерцијална банка од 3 милиони евра нема никаква поврзаност со докапитализацијата, се вели во реакцијата на Комерцијална Банка на денешното соопштение на Здружението на оштетени штедачи.
– Врз основа на погрешни и невистинити информации за извршената докапитализација на Еуростандард банка во 2019 година Здружението на оштетени штедачи „Правда за штедачи“ доаѓа до погрешни заклучоци и во повеќе наврати, веруваме несвесно и ненамерно, ја дезинформира јавноста. Доколку сакаат да бидат на страната на вистината, во документацијата за работењето на Еуростандард банка (во стечај), до која очигледно имаат пристап и на која многу често се повикуваат во своите тврдења, Здружението може да види како и во колку наврати Комерцијална банка излегла во пресрет на потребите на Еуростандард банка со цел да ѝ помогне на банката да го избегне најлошото сценарио – се вели во реакцијата од Комерцијална Банка.
Оттаму додаваа за докапитализацијата на Еуростандард банка во 2019 година, на барање на г-динот Трифун Костовски и без никакво посредништво на НБРСМ, Комерцијална банка ѝ одобри кредит во износ од 10 милиони евра на неговата фирма Гофи, а како залог беа ставени 3.200 акции од Еуролинк осигурување, односно беше обезбеден со приходи од идна продажба на осигурителната компанија. Впрочем, ова беше објавено и како ценовно чувствителна информација од Комерцијална банка на Македонската берза. По продажбата на Еуролинк осигурување, кредитот на Комерцијална банка ѝ беше уредно вратен. Всушност, со овие средства од Комерцијална банка и со барањето на НБРСМ за зголемување на капиталот сега, во крајна линија, оштетените штедачи на Еуростандард банка имаат поголема основица од која можат да ги наплаќаат своите побарувања. Факт е дека Комерцијална банка им го одобри овој кредит кога ниту една друга банка во земјава не сакаше тоа да го стори.
– Во документацијата на Еуростандард банка (во стечај), Здружението на штедачите точно може да види дека залогот од 3 милиони евра на Еуростандард во Комерцијална банка нема никаква поврзаност со докапитализацијата. Тоа е всушност обезбедување за поединечни кредити дадени од Еуростандард банка на нејзини клиенти. Во моментот кога овие клиенти не ги вратија кредитите, Комерцијална банка си ги наплати побарувањата. Затоа е крајно тенденциозно и злонамерно да се спомнува Комерцијална банка без никаков основ и без проверени информации во различни контексти, а се со намера да се прикаже извртена слика на реалните случувања во Еуростандард банка. Тоа веројатно е и причината зошто честопати при спомнување на клиенти на Еуростандард банка се истакнува дека имале депонентна сметка и во Комерцијална банка, без да се земе предвид фактот дека тие имале депонентни сметки и во други банки, а не само во Комерцијална – стои во реакцијата.
Од Комерцијална Банка велат дека искрено веруваат дека Здружението сака стечајната постапка на Еуростандард банка да се заврши брзо и ефикасно.
– Затоа ги упатуваме да ја проверат и потврдат правната издржаност на информациите што ги пласираат во јавноста и да се ослободат од потребата неосновано да обвинуваат субјекти кои не придонеле со ништо за отворање стечајна постапка во Еуростандард банка – се додава во реакцијата.