Комерцијална банка: Георгиевски и ВМРО Народна партија кажаа лаги за продажбата на нашиот стар објект
Од Комерцијална банка појаснуваат дека поранешната деловна зграда на Комерцијална банка АД Скопје е продадена во 2012 година на најтранспарентен начин и во строго регулирана законска постапка по распишан Јавен повик од страна на Службата за општи и заеднички работи на Владата.
Комерцијална банка АД Скопје денеска најостро ги демантира изнесените ставови на ВМРО Народна партија во врска со продажбата на поранешната деловна зграда на Банката.
Вчера ВМРО Народна партија во своето соопштение тврдеше дека купопродажбата на старата зграда на Комерцијална банка од страна на Република Македонија е направена на крајно нетранспарентен начин, без никаква правна процедура и најверојатно во четири очи.
Од Комерцијална банка појаснуваат дека поранешната деловна зграда на Комерцијална банка АД Скопје е продадена во 2012 година на најтранспарентен начин и во строго регулирана законска постапка по распишан Јавен повик од страна на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија со основен услов во Повикот нето вредноста на набавката да не биде повисока од 1.000 евра по метар квадратен.
– Понудата на Комерцијална банка за продажба на три деловни објекти во централното подрачје на Град Скопје со вкупна површина од 22.525 метри квадратни по вкупна цена од 21.736.625,00 евра, на Јавниот повик беше избрана за најповолна од страна на Владата.Понудата вклучуваше: две административно-деловни објекти кои во тој момент беа во функција на Банката, административна зграда Македонија табак и административна зграда ЕМО АД Охрид. Просечната понудена нето цена изнесуваше 965 евра по метар квадратен. Во истиот период, според анализите на релевантни институции за истражување на пазарот на недвижности, цената на деловни објекти од иста категорија во центарот на Скопје изнесува над 2.000 евра по метар квадратен. Банката ѝ овозможи на Владата купување на деловните објекти со одложено плаќање на 15 години, со грејс период од 5 години и фиксна каматна стапка од 3,75%, во период кога каматните стапки на пазарот се движеа над 8% – појаснуваат од Комерцијална банка.
Оттаму додаваат дека досега е отплатен износ од 5.970.324,80 евра, а остатокот по истата динамика ќе се отплатува до крајот на 2027 година.
– Истакнуваме дека поранешната деловна зграда на Комерцијална банка АД Скопје е продадена пред осум години, а обврската за нејзино тековно и инвестициско одржување е на сегашниот сопственик – подвлекуваат од Комерцијална банка.