Комеморацијата за Нивици, Бундестагот…

Ако се обидеме да го сублимираме Нивици, единствена „корист“ е што отвори простор за нецивилизациските бугарски политички фантазмагории. Без Нивици, апсолутно е сигурно дека Софија немаше вака да се однесува.

1,275

Комеморацијата за Нивици во Струга, заради тесно партиски политички интереси, доби сосема спротивна интонација од заслужената. Место да се анализираат страшните последици со кои се соочуваме по таа безумна капитулација, се велича членството во НАТО.

Ако ги игнорираме измамите дека ни е зголемена безбедноста, дека ни се отворени светли перспективи… со тоа, објективно, Македонија не доби ништо конкретно. Освен зголемените обврски да издвојуваме два проценти од БДП за одбрана, да купуваме американска воена опрема и да се конфронтираме со Русија, Кина… и други релевантни светски фактори.






Во подготовките на руско-украинската војна, зачленувањето на Македонија во НАТО беше нагласен и итен интерес на САД. Регионот мораше да се затвори за евентуално руско враќање и Македонија имаше посебно значење. И, место тоа да го искористиме за валоризација на нашите национални и државни интереси, и да бараме некакви отстапки во врска со нелегалниот третман на нашето име, „нашите“ политички аматери дадоа поголеми суштински и стратегиски концесии, отколку што очекуваа и планираа дури и самите САД.

Американскиот амбасадор во Атина, Даниел Спекхард, според тајните американски дипломатски комуникации, обелоденете благодарејќи на Викиликс („Нова Македонија“, од 30/03/2011), ни дава клучни податоци. По неговата средба со грчкиот министер за надворешни работи, Димитрис Друцас, тој објаснува дека Вашингтон смета дека – „главните елементи на решението за прашањето за името се име со географска одредница за севкупна употреба во меѓународни рамки, без да се чепка во идентитетот (а прашањето за идентитетот да не се спомнува до одредена фаза на евроинтегративниот процес)“.

Тоа покажува две клучни работи. Прво, дека целта на САД е бришење на македонскиот народ и, второ, дека процесот треба да оди етапно. А, во Нивици, „нашите“ квази политичари ги прифатија максималистичките грчки барања, вклучувајќи го и принципот ерга омнес. Благодарејќи на капитулацијата во Нивици, ние ги анулиравме националните институции коишто, од македонски, ги прекрстивме во  национални. Значи ничии. Со тоа, се урниса македонскиот карактер на државата. Така, се доведовме во ситуација да имаме албански и турски театар, ама ни е забрането да имаме – македонски! Тоа кажува сѐ. Сепак, има и полошо: откако, не дај Боже, ќе ги внесеме во Уставот и грстот Бугари, ќе имаме и бугарски!

Дури тогаш, македонската приказна ќе биде пред целосно затворање. Засега, сѐ уште можеме да се самозалажуваме дека ништо не ни фали, дека живееме во мед и млеко. Имаме доста „аналитичари“ коишто во тоа секојдневно не уверуваат и жалосно е што народот не им верува. Нема да ги спомнуваме по име. Сите ги знаете и им се чудите на паметот. Тие, секако тоа не го прават за џабе.

Ако се обидеме да го сублимираме Нивици, единствена „корист“ е што отвори простор за нецивилизациските бугарски политички фантазмагории. Без Нивици, апсолутно е сигурно дека Софија немаше вака да се однесува. Иако, не треба да има дилеми дека политиките на Атина и Софија, околу Македонија, се блиско координирани. Макар и премолчено. Тоа е резултат на нивните вековни игнорантски политики кон Македонија и Македонците. Уште поважно е што зад нив стојат регионалните интереси на единствена светска супер сила и дека нашите соседи се само алатки во реализација на нејзините намери и планови. Комплементарноста на нивните намери, воопшто не е спорна.

Со Нивици, ништо не добивме, ама широко го отвориме патот за уништување на македонизмот. Тоа мора веќе да му е јасно и на најпериферниот набљудувач. Во Нивици, Македонија беше меѓународно длабоко понижена. Бесмислено се откажавме од признавањето на нашето историско и уставно име од страна на преку 140 држави, што значи преку две третини од членките на ООН. Место бескрајна благодарност за нивниот пријателски гест, ние на срамен начин го фрливме на ѓубриштето на историјата.

Со Нивици, директно и отворено се негирани нашата држава и нејзините корени. Тоа е нејзино институционално обезличување. Во дипломатијата, не може да се замисли ништо поекстремно отколку некој од надвор да ти го уредува уставниот поред. Тоа доаѓа предвид само за поразени воени агресори.

Во Нивици беше извршен национален геноцид врз македонскиот народ. Македонците се откажаа од самите себе. Тоа објаснува сѐ. Потпишавме дека Македонците од беломорскиот дел, популарно наречени Егејци, не се тоа што сѐ. Се откажавме од нив. За целосен апсурд, потписникот на договорот, со кој Македонците се разнебитуваат, лично прифати дека тој и татко му, којшто потекнува од Егејот, немаат ист национален идентитет!

Нивици е клучен чекор во бришењето на македонскиот народ. Налудничаво е со некаков меѓународен договор, наметнат од трета страна, да се дефинира нечија историја. Тоа е нејзино политичко силување, во овој случај на сметка на Македонија. Иако тоа беше направено под жесток диктат на странците, историски злочин е што „нашата“ власт го потпиша договорот од Нивици. Мораше да се мобилизираат сите домашни сили, за да се бранат сопствените фундаментални интереси. Вака, длабоко поделени, секој може да ни прави што сака. И, ни прават

Последиците од Нивици се несогледливи и долгорочни. Потоа, Атина престана да се експонира, за да не боде очи, и главната улога ја презеде Софија. Грција, меѓутоа, чека да ги започнеме преговорите за членство во Унијата. Тогаш, повторно ќе се активираат и жестоко ќе ни го загорчат животот со нови барања. Нивната претседателка, тоа веќе официјално му го најави на Пендаровски, при неговата посета на Атина.

Македонија е во маѓепсан круг, од кој може само самата да излезе. Додека е време. Бугарскиот ултиматум за уставот е еднакво понижувачки и опасен како и Нивици. Ако не и повеќе. Потврда за тоа е што нашите западни „пријатели“ толку силно запнале да не натераат на тоа. Не отстапуваат од нивните планови за затворање на „Македонското прашање“.

Во тие нивни политики, целосно се вклопува и декларацијата на Бундестагот (јуни, 2023). Тоа е нов германски притисок да го смениме уставот. Ништо друго. Освен таа порака, којашто е јасна и прецизна, сѐ друго е мачкање на очи, бесмислено и безвредно. Тоа ништо не значи и никого не обврзува. Вклучувајќи ги и германските институции.

Сите спомнати елементи (признание на македонската култура, идентитет и јазик) се дел од клучните постулати на нашата држава, којашто тие официјално, заедно со нив – ја признале. Ако се доследни до себе, друг избор – немаат. За разлика, кога Бугарија, лицемерно прва ја призна Македонија, веднаш прецизира дека не прифаќа македонски народ, јазик… Премиерката на Унијата, Фон дер Лајен, пак, во Собранието, ни порача – „македонскиот јазик си е ваш јазик“! И, доби аплауз. За ништо. За џабе. Празна изјава којашто ништо не значи. Чии може да биде македонскиот јазик, освен наш?

Доколку Берлин навистина сакаше да го поддржи националниот идентитет на македонскиот народ, неговиот јазик, историја…, како што се обидува сега да нѐ увери, мораше да реагира многу порано. Во септември 2020, на пример, кога нивниот партнер во ЕУ, Бугарија, прво донесе декларација во Собранието дека како Македонци не постоиме, туку сме Бугари, дека нема македонски јазик бидејќи е тој дијалект на бугарскиот… Декларацијата, претворена во „објаснувачки меморандум“, им беше доставена на сите членки на Унијата, меѓу другите и на Бундестагот. Зошто тогаш не реагираа? Тогаш ќе имаше и логика, и смисла. Ќе беше вистинска поддршка. Сега е само нов притисок врз нас.

Уште поконкретно. Четири, пет години, Унијата не го потпишуваше договорот за Фронтекс со нашата земја, заради македонскиот јазик. Договорот му беше потребен на Брисел. Каде беа тогаш Берлин и Бундестагот? Зошто молчеа, и се правеа отсутни? А сега, кога треба да се отвори патот за бугаризација на македонскиот народ, толку многу се гласни? Дури нѐ уверуваат и дека тоа нема да ни го загрози идентитетот! Од кај ли знаат? Кој ли им шепнал?… Сѐ заедно, чисто политиканство, коешто не им личи. Не е пријатно една Германија да падне на толку ниско ниво. А, должни ни се уште од 1990-тите, кога место Македонија (Бадентер), ја признаа Хрватска.

Жалосно е што Берлин, и другите наши „стратегиски партнери“, се обидуваат да нѐ прават недоветни. Факт е дека политичката гарнитура којашто ја води земјава е политички неписмена или, поточно, постапува под диктат на странците. Една Германија, меѓутоа, не би смееле да игра таква подмолна и нечесна улога.

Сепак, самите сме виновни бидејќи не се браниме.

Поврзани содржини