КОМАНДИРОТ НЕ БИЛ САМ На веселбата во Дебреште пукале и други полицајци и професионални војници
Во истрагата спроведена по инцидентот предизвикан од полициски службеник кој пукал од огнено оружје, утврдено е дека уште двајца полициски службеници од Прилеп и двајца професионални војници пукале на веселбата заедно со уште неколку жители од крушевските села Дебреште и Саждево.
Идентификувани се повеќе лица кои пукале со огнено оружје на семејната веселба во село Дебрешта. Во истрагата спроведена по инцидентот предизвикан од полициски службеник кој пукал од огнено оружје, утврдено е дека уште двајца полициски службеници од Прилеп и двајца професионални војници пукале на веселбата заедно со уште неколку жители од крушевските села Дебреште и Саждево. Од МВР информираа дека против сите нив се поднесени соодветни пријави.
„На 28.08.2023 од страна од полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички истраги при ОВР Прилеп проширена е истрагата во врска со кривичното дело “предизвикување општа опасност” на семејна веселба во с.Дебреште. Идентификувани се повеќе лица кои пукале со оружје на веселбата и за сите ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. Двајца од нив се полициски службеници: Н.И.(28) и Е.И.( 28) од ОВР Прилеп, а двајца се професионални војници Б.Х.(26) и И.Р.(23), додека останатите се жители од с.Дебреште и с.Саждево, крушевско. Извршени се седум претреси, при што одземено е разновидно оружје кое е употребено за извршување на кривичното дело“ – стои во известувањето од МВР.
На командирот на ПО Ропотово, кој вчера беше приведен поради предизвикување општа опасност, одреден му е осумдневен куќен притвор.
„Во врска со овој настан вчера (27.08.2023) беше приведен и командирот на ПО Ропотово Е.Р. и на истиот од страна на судија на претходна постапка одреден му е куќен притвор во траење од осум дена. Исто како и за Е.Р., и за полициските службеници Н.И.(28) и Е.И.( 28) постапува Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, и за нив ќе биде поведена дисциплинска постапка и поднесен соодветен поднесок до ОЈО“ – соопшти МВР.