КОМАНДИР И 4 ПОЛИЦАЈЦИ ПРИКРИВАЛЕ БЕСПРАВНА ГРАДБА Се товарат за попречување на правдата, a ќе одат и на психијатриски преглед!?

Постапувајќи по поплака за бесправно градење, изготвувале и менувале службена документација со што ја измениле фактичката состојба на случајот. Во предвидените дисциплински мерки, покрај одземање на службеното оружје и муниција, предвидени се и задолжителни психолошки и психијатриски прегледи.

1,163

Пет полициски службеници од Полициско одделение Чегране, меѓу кои и командирот Б.И., се соочуваат со кривична пријава за попречување на правдата, објави МВР. Постапката е започната по основ на сомнение дека тие ја прикривале фактичката состојба во случаи на бесправно градење, со што го отежнале докажувањето пред суд или друг надлежен орган.

Според МВР, во текот на 2025 година, пријавените во повеќе наврати измениле службени материјали и ги преквалификувале поплаките за бесправно градење во прекршоци за лажно пријавување, без да ја констатираат фактичката состојба. На тој начин, подносителот на поплаките бил незаконски доведен во ситуација на кривично прогонување, а реалната состојба на бесправните објекти била прикриена.






„Станува збор за сериозно кршење на службената должност и злоупотреба на овластувањата од страна на полициските службеници. Се работи за инциденти кои директно го попречуваат утврдувањето на вистината и нанесуваат штета на довербата во институциите“, соопшти МВР.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, по добиена согласност од Јавното обвинителство за ГОКК, ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност, која вклучува одземање на службеното оружје и муниција, како и задолжителни психолошки и психијатриски прегледи.

Од МВР велат дека мерките се дел од обидите на Министерството за внатрешни работи да го зачува интегритетот на институцијата и да обезбеди отчетност на сите полициски службеници.

Поврзани содржини