КОЛОСАЛНА ЗАБЛУДА Е ДЕКА УКРАИНА Е СПРЕМНА ЗА ЕУ Зеленски е инфлуенсер, а не лидер способен за војна, посочи Орбан

Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, потсети на посетата на Киев за време на унгарското претседателство со ЕУ, кога, како што рече, се обидел да го убеди претседателот Володимир Зеленски дека Украина губи воен замав, а дека Европа останува без ресурси. Неговата порака, сепак, била одбиена. Тој ја опиша украинската политика како празен спектакл и нагласи дека војна со нуклеарна сила не може да се води на првата линија.

1,261

Колосална заблуда е да се мисли дека Украина е подготвена да се приклучи кон Европската Унија, изјави во петокот унгарскиот премиер Виктор Орбан во интервју за јавното радио Лајош Кошут, цитирано од унгарските медиуми.

Орбан рече дека лидерите на ЕУ на секој самит, како и јавно, велат дека Украина ги исполнила критериумите за членство во унијата.






– Европските лидери тврдат дека Украина ја елиминирала корупцијата, дека е управувана од владеењето на правото, дека ги почитува човековите права и има здрава економија. Тие зборуваат за Украина како преговорите за пристап да се само формалност сега. Како Украина да си ја завршила работата и како да е сега наш ред. Дека Украина мора да биде примена во 2030 година без оглед на сѐ – рече премиерот.

Според Орбан, сепак, тврдењата дека Украина е подготвена да се приклучи кон ЕУ „се далеку од реалноста“.

– Можеби ги заведувате луѓето во Брисел, но таму каде што живееме, блиску до украинската граница, оваа изјава е или колосална заблуда или целосна бесмислица – додаде унгарскиот премиер.

Во меѓувреме, Орбан рече дека унгарските политички партии, кои ги поддржуваат Европската комисија и европските лидери, како што се опозициската Демократска коалиција и Тиса, со право можат да се наречат „воени партии“.

– Тие се членови на воената коалиција во Брисел. Исто така, постојат и антивоени мировни партии кои се во таборот на ФИДЕС – додаде тој, мислејќи на својата владејачка партија во Унгарија.

„Зеленски е комичар“

Орбан повеќепати ја довел во прашање политичката релевантност на Зеленски.

Претходно, во интервју емитувано во средата на Јутјуб каналот „Патриота“, унгарскиот премиер Виктор Орбан го нарече украинскиот претседател Володимир Зеленски „комичар“, објави порталот За Унгарија.

Орбан изјави и дека Зеленски претставува нов тип на „инфлуенсер политичар“. Тој додаде дека претходното искуство на Зеленски „не му помага во она што треба да го прави сега, особено не во време на војна“.

Според Орбан, Зеленски „глуми претседател“, а нивната средба не успеала да влезе во „подлабок контекст“ на разговор.

Пораката на Орбан била одбиена

Орбан ја потврди својата антивоена позиција и на последниот самит на НАТО, повикувајќи на прекин на огнот и директно предупредувајќи за последиците по Европа, потсетувајќи се на негов разговор со Зеленски.

Тој зборуваше за својата посета на Киев во рамки на претседавањето на Унгарија со ЕУ, каде што, како што рече, се обидел да му објасни на Зеленски дека „времето не е на негова страна“, Русија напредува, а дека Европа останува без ресурси. Но, неговата порака била одбиена, објави Будапешт тајмс.

Орбан ја оцени украинската политика како спектакл без суштина и порача дека оваа војна не може да се води, на првата борбена линија, против нуклеарна сила.

Премиерот исто така го критикуваше економскиот товар на конфликтот:

– Десетици милијарди евра веќе се потрошени без каков било рационален и остварлив пат до победа.

Во овој контекст, тој го оправда унгарското вето на пристапувањето на Украина во ЕУ, предупредувајќи дека не е разумно да се интегрира земја која се наоѓа во активен конфликт, особено кога, според него, Брисел се обидува да ги заобиколи правните правила.

– Сега преовладуваат отворени правни прекршувања. Унгарија не може да биде исклучена – заклучи Орбан.

Поврзани содржини