📷 „КОЛКУ УДАРИ, ТОЛКУ ГОДИНИ ЗАТВОР“ Граѓани протестираат пред Кривичен суд, бараат правда за кучето Феликс

Протестот инициран од „Анима мунди“ се случува истовремено со првото рочиште по кривичната пријава која е поднесена против Љубе Крстевски поради претепување до смрт на безомното куче Феликс со метална шипка кај Момин Поток.

444

„Душата на Феликс вреди колку и човечката“. „Стоп за насилство против животните“. „Мачењето животни е психопатологија“.

Ова се само дел од пораките коишто група граѓани и активисти за правата на животните утринава преку транспаренти ги упатија пред Кривичниот суд во Скопје каде што се одвива првото рочиште за мачењето на кучето Феликс.






Протестот инициран од „Анима мунди“ се случува истовремено со првото рочиште по кривичната пријава која е поднесена против Љубе Крстевски поради претепување до смрт на безомното куче Феликс со метална шипка кај Момин Поток.

Здружението бара најстроги казни за мачење и убиство на животните, без олеснителни околности и мерки.

– Тој ѕверски, со умисла, употреба на најголема сила и 10 удари со метална шипка по глава во заграден простор и без можност да се избави и спаси, удираше несреќно бездомно куче. До бесозание, со намера да оди до смрт за да потоа со помош на друго лице врзе и фрли како да е предмет и најобично ѓубре. Во друштво на четири полнолетни лица, мажи, мирно бездомно куче е удирано, најкрвнички и со сета сила, без било кој да интервенира додека кучето урлика од болка и не можејќи да избега или да се спаси; но затоа асистенти кога требаше околу врат да се врзе со метална жица, влече и фрли како ѓубре. Соучесници. И ова немаше да го видиме, ова немаше да го дознаеме да не беше снимено. ‘Љубе со другарите’ се ликот на секој еден кој во оваа држава се изживува, коле, беси, труе животно. А Феликс е секое друго животно, секое друго несреќно битие оставено само на себе да страда и умира во пеколни маки, душа која не успеавме да го спасиме. Молкот ги охрабрува и помага сторителите, никогаш оној кој е жртва. Ако ова само немо го набљудуваме, учествуваме во колективната деградација и дегенерација на се што е нормално, хумано, човечно во нашата држава“, велат од „Анима мунди“.

Досега, посочуваат оттаму, во судската пракса, ниту еден сторител на ова кривично дело не добил затворска казна, туку условна или парична казна, не повисока од 300 евра.

– Ваквата судска пракса не го спречува насилството врз послабите – напротив, го охрабрува. Бараме да се промени досегашната судска пракса и наместо изрекување парична казна во максимален износ од 300 евра или условна казна, да се изрече ефективна казна затвор за сторителите. Покрај правда за Феликс, бараме итно да се усвојат законите и мерките што еднаш засекогаш ќе го решат проблемот со бездомните кучиња на нашите улици. Затоа бараме и: Законска забрана за размножување на кучињата, освен во случај на регистрирана одгледувачница, регулирање и воведување данок за таа дејност! Законска забрана за напуштање миленици! Закон за задолжително регистрирање (со микрочип) на СИТЕ миленици уште од раѓање. Потребно е создавање функционална јавна база на податоци за сите домашни миленици, како и за ловните кучиња, бидејќи тие често се напуштаат или подаруваат ако не ги исполнуваат стандардите. Прецизна законска регулација на трговијата со домашни миленици во пет-шоповите и одгледувачниците (кучиња/мачки). Сериозна, а не декларативна посветеност од надлежните! Веднаш да се донесе национален акт за унифицирање на програмата во сите прифатилишта во Македонија, според принципот „залови – стерилизирај – вакцинирај – врати”, но на плански, брз и масовен начин, во обем што одговара на реалните потреби на општините – порачаа активистите.

Поврзани содржини