КОЛКУ СМЕ ВИСТИНСКИ ПОДГОТВЕНИ ЗА ДА ГИ ПРИФАТИМЕ СИЛНИТЕ ЖЕНИ? Девојките Месечини ја знаат вистината
Во романот на Барбара Дејвис - „Последната од девојките Месечини“ опишана е континуираната борба на самостојните и силни жени, кои од некоја причина не се мажат и не сакаат да зависат од поддршката на мажите. Тие се издржуваат од одгледување и продажба на билки, чаеви и на народни лекарства и поради тоа од поголемиот дел од заедницата се третирани како вештерки.
Заедниците составени од луѓе, речиси без исклучок се подготвени да се декларираат дека се отворени кон секого. Но дали е тоа навистина така? Дали понекогаш, нè вознемируваат луѓето кои се поинакви?
Тешко е да се пронајде искрен одговор на ова прашање, но затоа можеме да ви препорачаме извонреден роман, во кој и среќата и страдањето на ликовите произлегуваат од тоа што се поинакви од средината. Колку поинакви? Сосем малку, но и тоа доволно за да ликовите бидат прогласени за вештерки.
Во романот на Барбара Дејвис – „Последната од девојките Месечини“ опишана е континуираната борба на самостојните и силни жени, кои од некоја причина не се мажат и не сакаат да зависат од поддршката на мажите. Тие се издржуваат од одгледување и продажба на билки, чаеви и на народни лекарства и поради тоа од поголемиот дел од заедницата се третирани како вештерки.
Девојките низ генерациите водат изолиран и релативно мирен живот, но постојано под сенката на скриениот презир и на чувството на заедницата дека токму тие се изворот на мизеријата во нивните животи или непосреден повод за секој несреќен случај.
Авторката поминала повеќе од 12 години како извршен директор во компанија за накит, пред да го напушти корпоративниот свет за да продолжи да се занимава со својата најголема пасија – пишувањето. Токму корпоративното искуство ѝ дава извонреден агол за споредување на модерното и на традицијата, на новите и на заборавените вредности. Таа е авторка на „Кога никогаш не доаѓа“, „Лето во клучот за скривници“, „Прилив на желби“, „Тајните што ги носеше“ и „Љубов, Алиса“.
Во овој роман ќе читате за љубовта, пријателството и за нераскинливите врски. Но, во исто време и за омразата и разделбите. Болната истрага на грозоморните убиства, ги отвара најдлабоките и најскриените делови на една душа, сепак, желбата за правда преовладува над болката, па главната хероина успева да го понесе товарот на сите други девојки од имотот на Месечините. Но, романот од друга страна не е тежок за читање, бидејќи на еден интересен и несекојдневен начин е испреплетен со љубовна приказна, која се одвива и покрај сите потешкотии и стравотии што ѝ се случуваа на последната од девојките Месечини.
Романот „Последната од девојките Месечини“ е во издание на Арс Либрис(2021 година), од едицијата бестселери. Преводот е на Стево Божинов.