КОЛКУ НАВРЕДИ КОН МАКЕДОНИЈА МОЖЕ ДА ПРЕМОЛЧИ ОСМАНИ? Реакција на ВМРО-ДПМНЕ на посетата на шефот на македонската дипломатија на Софија
Ковачевски да одговори во какво својство е во Бугарија Бујар Османи и чии интереси брани – побара ВМРО-ДПМНЕ.
Колку навреди треба да кажат бугарските политичари, кои Бујар Османи може да ги поднесе и премолчи – праша јавно партијата ВМРО-ДПМНЕ по денешната посета на Османи на натепаниот македонски граѓанин Христијан Пендиков во болница во Софија, за време на која неговиот домаќин, министерот за надворешни работи на Бугарија Николај Милков, изјави дека во Македонија „се враќаат црните традиции“.
„Има ли Македонија институции за да испитаат и расветлат насилство какво што се случи во Охрид, па да мора да се инволвира Бугарија? Ковачевски да одговори во какво својство е во Бугарија Бујар Османи и чии интереси брани. Владата на СДС е многу повеќе влада на Бугарија и на Албанија отколку на Македонија“ – се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
– Тука сум да му кажам „не“ на воскреснувањето на тие црни традиции кои историски се сврзуваат со Македонија, на палежи, стрелања, насилство врз луѓето. За такви нешта нема место во современа Европа – изјави министерот Милков по посетата на софиската болница, заедно со Османи.