КОЛКУ ЛИ ЌЕ ПОСКАПИ ЕДЕН РОЛЕКС ВО САД? Швајцарските часовници ќе чинат ѓавол и пол со новите царини

Секторот за часовници, симбол на Швајцарија, кој вработува 65.000 луѓе, е потенцијално еден од најтешко погодените од американските царински мерки.

240

За време на неговата изборна кампања, претседателот на САД, Доналд Трамп, пушти во продажба часовници од 100.000 долари, произведени во Швајцарија, а сега секторот на часовници во таа алпска земја ризикува да биде најпогоден од неговите казнени царини, објави Политика.

Декретот на Белата куќа дојде во средината на саемот за часовници во Женева, каде што големите брендови како Ролекс, Патек Филип, Вашерон Константин, Картие, Булгари и Таг Хојер ги откриваат своите нови производи оваа недела. Царините се сериозен удар за секторот чијшто финансиски раст во голема мера зависи од продажбата во САД.






САД се најголемиот пазар за швајцарските производители на часовници со 16,8% од нивниот извоз во 2024 година. Извозот на швајцарски часовници изнесува 4,37 милијарди швајцарски франци (4,65 милијарди евра), што е зголемување за 5% во споредба со претходната година. Тоа помогна да се ублажи остриот пад на побарувачката во Кина. Со оглед на трговскиот суфицит со САД, на Швајцарија ѝ беа наметнати царини од 31% (и 20% за Европската Унија), кои се тешки дури и за производителите на луксузни часовници.

Тие царини се „штетни и неоправдани“, изјави претседателот на федерацијата на часовничари, Ив Бугман, кој бара од швајцарската федерална влада „бргу да им го објасни гледиштето на швајцарската економија“ на американските колеги.

Швајцарските власти во четвртокот објавија дека нивните претставници наскоро ќе одат во САД за да се обидат да ја убедат администрацијата на Трамп дека овие царински мерки се „контрапродуктивни за сите“.

Секторот за часовници, симбол на Швајцарија, кој вработува 65.000 луѓе, е потенцијално еден од најтешко погодените од американските царински мерки. Фармацевтските производи, најголемиот извозен сектор во Швајцарија, се меѓу изземените. Индустриската опрема, уште еден важен дел од швајцарската економија, беше многу повеќе погодена, но многу големи компании во секторот имаат фабрики во САД.

Индустријата за часовници ја има ознаката „Swiss Made“ (произведено во Швајцарија), што е нејзината главна продажна точка, бидејќи производството е само во Швајцарија.

За да се компензираат донекаде тие царини, кои се „очигледно повисоки од очекуваните“, цените ќе треба да се зголемат за околу „11 до 13%“, проценуваат аналитичарите на Кантоналната банка во Цирих.

– Обемот на царините ги изненади сите – изјави за АФП Џон Кокс, аналитичар во Кеплер Шевр, кој, исто така, очекува последици врз профитабилноста.

Според него, луксузните брендови ќе бидат во подобра позиција да ги зголемат своите цени, а најбогатите потрошувачи може почесто да купуваат додека патуваат во странство, иако тоа нема да биде доволно за да се надомести како резултат на слабеење на извозот.

Поврзани содржини