„КОЛКУ КОСОВЦИ ДНЕВНО ДОАЃААТ ВО МАКЕДОНИЈА ЗА ДА ИГРААТ ИГРИ НА СРЕЌА?“ Вработените во секторот загрижени за сопствената егзистенција

521

Здружението на вработени во секторот игри на среќа „Сакам да работам“ испрати рекација по одржаната панел дискусија на Демократското движење на тема „Негативното влијание на казината и коцкањето со семејството и соочување со оваа девијантна појава“.

„Зарем за една политичка партија во услови на инфлација, ценовни шокови, потреси во јавното здравство, секојдневно иселување, глобални воени судири со невидени последици, приоритет е да остави 10 илјади вработени во секторот игри на среќа на улица? Зошто не повикавте наши претставници да го слушнете и нашиот глас? Зошто не викнете експерти кои стручно ќе ви презентираат факти и аргументи дека зависностите не се стекнуваат преку очи, туку се последица на социјални потреси и нарушени семејни околности? Зошто не викнете претставници на Асоцијациите да ви кажат колку вложуваат во кампањи и проекти за заштита и унапредување на младината?






И кога веќе заговарате затворање на легалните игри на среќа по примерот на Косово, одговорете: Колку државјани на Косово дневно доаѓаат да играат во Тетово и во цела Македонија? Колку играчници на црно има на Косово? Зошто Албанија се откажа од забраната на игрите на среќа и со кое образложение албанскиот премиер Еди Рама ја објави одлуката на неговата Влада? Зошто во сите западни земји, во чие друштво сакаме да бидеме, има организирани и легални игри среќа? Зарем членките на ЕУ се девијантни општества штом имаат организирани игри на среќа? Кога младината е заштитена повеќе, денес кога игрите на среќа се легални или кога ќе се игра по подруми како во минатото?“, прашуваат од Здружението.

Без одговор на овие прашања нема дискусија, туку предизборен популизам, порачуваат оттаму и додаваат дека во демократски општества има дебата, во која се соочуваат аргументите.

„Жалиме што не можете да увидите дека предлогот за затворање на легалните игри на среќа е всушност залагање за беззаконие и хаос со играње на црно, без контрола на државата и без буџетски приходи. Доволно е да се потсетите на аферата ‘Детонатор’, кога во 2011 беа запленети нелегално поставени 1.500 покер апарати. Конечно, уште еднаш да потенцираме: Ние немаме и не сакаме да имаме никаква врска со политика. Нам таму не ни е местото. Ќе се бориме со сите демократски средства против неправдата. Нема да дозволиме да станеме жртви на дневно-политичките пресметки“, порачаа од Здружението на вработени во секторот игри на среќа „Сакам да работам“.

 

 

 

Поврзани содржини