КОЛКУ ГРОША ЧИНИ МАКЕДОНСКАТА ИСТОРИЈА? Отворете ги прозорците и слушнете го народот!
Зарем не гледате дека антифашистичка Македонија јасно ви вели „не“? Ако тоа не ви е јасно, отворете ги прозорците и слушнете го народот, рече пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи.
Ние, пратениците, денеска требаше да бидеме среќни, а нацијата да ни беше горда. Но, жалам што не е така. Кој ли ви даде мандат да задирате во најсветото нешто – јазикот, идентитетот, историјата?! Па тој народ ве избра и ве плаќа за нему да му служите, рече пратеничката Рахела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ.
– Колеги, не глумете лидерство и саможртва. Не изигрувајте елита и херои, оти тоа не сте без разлика колку тоа ви го кажале во партијата. Не се претставувајте како интелектуалци, оти сте при очи слепи. Колку гроша чини македонската историја? Колеги пратеници од власта, дали рушевте антиквизација да ја замените со бугаризација? Историјата ни станува бугарска, јазикот ни станува дијалект со фуснота, а за идентитетот треба да го прашате Красамир Каракачанов, Захариева, Џамбаски… Зарем не гледате дека антифашистичка Македонија јасно ви вели „не“? Ако тоа не ви е јасно, отворете ги прозорците и слушнете го народот. Видете колку полицајци го чуваат македонското Собрание од македонскиот народ. Толкав број полицајци ве чува затоа што вие сте бањати, а ние сме небањати? – рече Мизрахи.
Симпатиите однадвор се интерес, а не љубов, порача пратеничката.
– Со својот народ не се игра „ол ин“. Ајде кажете „не“ поради оваа наша заедничка земја. Без историја нема иднина. Владејачкото мнозинство ја заборава историјата барајќи ја иднината. Смрт на фашистот, слобода на народот – рече Мизрахи.