КОЛКУ ФИЛМОВИТЕ МОЖАТ ДА ГО ПОДОБРАТ СВЕТОТ? Тамара Котевска на оваа тема ќе одржи говор на Фестивалот во Венеција
Венецискиот фестивал секоја година кани тројца светски реномирани автори чие творештво има потенцијал да влијае врз општеството и да ја менуваат свеста на луѓето за одредени важни социјални теми.
Филмската режисерка Тамара Котевска е првиот автор од Македонија која е поканета на Фестивалот во Венеција да одржи свечен говор за филмовите кои имаат моќно социјално влијание и предизвикуваат општествени промени.
Овој екслузивен настан „Лајтс камера импакт“ во Венеција ќе се случи на 1 септември, а во таа прилика Тамара Котевска и официјално ќе ја најави премиерата на нејзиниот нов долгометражен документарен филм „The Walk“.
Венецискиот фестивал на „Лајтс камера импакт“ секоја година кани тројца светски реномирани автори чие творештво има потенцијал да влијае врз општеството и да ја менуваат свеста на луѓето за одредени важни социјални теми. Првата ваква потврда за режисерката Котевска се случи на филмскиот фестивал Санденс во САД, во 2019 година, каде филмот „Медена земја”, покрај другите две, доби и „Награда за предизвикување промени“ („Импакт фор чејнџ“)
Овојпат, потврдата се случува на Венециското биенале, за новиот филм на режисерката, кој го следи пеколниот пат на бегалците од Сирија до Англија.
Светската премиера на нејзиниот нов документарен филм ќе се случи во ноември годинава. Главен продуцент на филмот е влијателната продуцентска куќа „Гранд медиа“ од Англија, која зад себе има многу награди, меѓу кои и неколку оскари. Филмот е поддржан и од македонската Агенцијата за филм како малцинска копродукција, а како македонски копродуцент се јавува ОХО Продукција.
– Ова е успех од светски рамки, авторот да биде еден од тие кои можат со своите дела да влијаат во општеството, во светот. Драго ми е што Агенцијата за филм застана зад новиот проект на Котевска. Ова е уште една потврда дека жените автори имаат поинаков сенс и пристап кон документарниот филм – изјави Бојан Лазаревски, директор на Агенцијата за филм на РСМ.