Колку е лесна глупоста

И кога ќе почнете да ја развлекувате глупоста почнувајќи од таква бизарност како Ќосето, речиси е нормално да ја напикате во сѐ и секаде, па дури да стасате и до некаква, замислете, „трка која трае 25 години во расправија со Грците за Александар велики, а сега се повторува за Гоце Делчев со Бугарите“. Ние очигледно немаме попаметна работа туку организираме маратони со соседите, при што главна награда е распродавање на сопствениот идентитет.

187

Се разбира, ова е само малку изменет наслов на легендарната песна „Како е убаво да се биде глуп“ на Бора Ѓорѓевиќ. Оној од „српскиот свет“. Секако, можев да најдам и соодветен домашен пандан за наслов, на пример „Као какао“ од „Леб и сол“, ама пустото и таа е на – српски. А и не одговара на контекстот. Е сега, можеби во ваквиот наслов има мал мој инает кон оние овдешни провинциски србофоби кои по правило сите други ги прогласуваат за националисти а не си го гледаат својот најодвратен национализам.

Како и да е, модификацијата на насловот доаѓа оттаму што мене повеќе ме вџасува леснотијата од „убавината“ – навистина не можам да откријам што во глупоста е убаво, но тоа е друга тема – и (веќе) отворените напори на поединци и групи секојдневно да нѐ тормозат со стопати преџвакани „ставови“ за наша неспособност да ја видиме „цветлината“ на нивни постапки па заради тоа  пропуштаме историски шанси, за стратешките грешки, за „српскиот свет“ и руските влијанија и др. Тој очигледно координиран хор на некакви умислени „стручњаци“ и „интелектуалци“ сепак квичи по фалш партитура подмената од некои одамна истрошени „композитори“.






Но оваа локална леснотија во глупирањето кај нас има и некои специфики. На пример, лесно е пренослива, некој ќе рече дури и заразна. Но сепак, за среќа, кружи во еден затворен круг политички циркузанти и неколку електронски медиуми и поткасти, иако покажува зачудувачка отпорност. По сѐ изгледа тоа доаѓа од леснотијата, а можеби дури и убавината на глупоста, којзнае? Потоа, нејзиниот дијапазон се движи од најбизарни елементарни глупости до стратешки и евроинтеграциски размери, успева да се протне во историјата, геополитиката итн.

На пример, „народната“ пратеничка, екс-министерка и сега кандидатка за градоначалничка на Скопје од редовите на куќниот совет, апропо враќањето на споменикот на Ќосето, мудрува: „Моите постапки ќе бидат институционални. Ќе провериме дали со поставувањето на овој споменик се почитувани сите законски процедури. Но, на Скопје му треба работа, визија и решенија, а не рециклирани споменици“ (sic!). Замислете, после цели 11 години од „Скопје 2014“ и после цели седум години на власт, тие сега институционално ќе постапуваат и ќе проверуваат дали со повторното поставување на овој споменик се почитувани сите законски процедури!? После сите досегашни стручни мислења, анализи, толкувања…, после цели седум години преспани на власт, остатоците од сдсм (малите букви се…) сега ќе го прават тоа што требаше да го прават тогаш. И после тој седумгодишен длабок сон тие сега се свестија дека на Скопје „му треба работа, визија и решенија“!

Но и тоа е добро, барем се сетија на Скопје. Веројатно после наредните седум години ќе се сетат дека и на Македонија ѝ треба(ше) истото: „работа, визија и решенија“. Иако не верувам, глупоста кај нив, покрај леснотијата и сето друго, е и – вечна!

И кога ќе почнете да ја развлекувате глупоста почнувајќи од таква бизарност како Ќосето, речиси е нормално да ја напикате во сѐ и секаде, па дури да стасате и до некаква, замислете, „трка која трае 25 години во расправија со Грците за Александар велики, а сега се повторува за Гоце Делчев со Бугарите“. Ние очигледно немаме попаметна работа туку организираме маратони со соседите, при што главна награда е распродавање на сопствениот идентитет. И затоа само наша, „сопствена вина“ е што ние ја крадеме туѓата историја и идентитет односно, прво, ги поставуваме „темелите на македонскиот идентитет на културна и историска почва на хеленскиот свет“, а потоа, „во расправијата за историјата со Бугарија, велиме дека сме сопственици на сета историска вистина и точка“.

Да, знам, глупоста е лесна, лекоумна, а некому и убава, ама ова одамна ги преминало границите на провинциска глупост од незнаење, простотилак, самобендисаност… Ова допира некои други граничници, поинакви сфери што потпокуваат сѐ што сме мислеле – и мислиме! – дека е национална историја, култура, идентитет…, нѐ претставува не само како крадци туку и кавгаџии и светски прваци во неоправдана омраза кон соседите. А на крајот, ние сме и најголемите мазохисти на светот кои се кријат зад измислицата за „вечно онеправданиот македонски народ“!

И се разбира, кога тркалото на глупоста ќе влезе во таа и така подготвена каллива регионална патека, тогаш нема крај на нашата вина. Тогаш ние сме оние најзадрти националисти а сите околу нас – освен еден сосед, ај погодете кој? – се демократски цвеќиња со опоен мирис, постојано плачеме над сопствената судбина а всушност ништо не ни фали, наивно го обвинуваме цел свет заради сопствените грешки итн., итн. Ние самите си копаме гроб или (како што велеше една „професорка“) си ја сечеме гранката на која седиме, сами генерираме некакво проруско влијание па на тоа надоврзуваме анти-еу (малите букви се…) наративи и соодветен дискурс, а таа еу е всушност луда по нас и прави сѐ да нѐ вклучи во нејзиното големо среќно семејство, сме се фатиле за северниот ни сосед како слеп за стап а не гледаме какви дезинформации и проруски влијанија шири низ земјава, остануваме неми за сите бељи што ни ги приредува „српскиот свет“ наспроти добронамерноста на бугарскиот, грчкиот и другите соседни „светови“,.. итн., итн.

И, се разбира, леснотијата на таквата глупост развеана низ земјава веднаш заборава кој кумуваше на оваа состојба во Македонија, таа леснотија така бргу ги заборави сите криминали на претходната коалиција, сиот башибозук инсталиран како систем во власта а со тоа и во државата, се заборавија сите лаги и манипулации што ги гледавме и слушавме цели седум години, ја прекри дефокусирачки мрак целата онаа владеачка глупост на естаблишментот, простотилакот и неукоста на двата премиери и дел од министрите, сите махинации што ни ги сервираа цели 2.555 дена…, се заборави антидржавниот Договор за добрососедство и пријателство со Бугарија и епохално ступидниот надоврзувачки Протокол, па дури и доброволната промена на вековното име!

Но, се разбира, повторно леснотијата на глупоста ќе „објасни“ сѐ низ хумористичните средношколски метафори за некакви тридецениски успешни политики „спроти ветрот“ коишто нѐ доведоа до ова дно, па „одозгора на тога“ и обидите за корекција, каква-таква, на ступидноста на целата бугарско-француска „операција“ ќе ги прогласуваат за политичката стратешка грешка. И повторно, во целата таа блесава политикантска скаламерија се вклучени еден грст „заразени“ персони, луѓе без политичко покритие и безвредни синекуристи чии „лесни“ глупости се одамна, и за среќа, прочитани.

извор: теодосиевскиуметност

 

Поврзани содржини