КОЛКАВИ ПЛАТИ СЕ ДОВОЛНИ ВО СУДСТВОТО? Димитриеска-Кочоска вели дека се побарани 1,4 милијарди денари повеќе од годинашниот износ
Во однос на платите, министерката нагласи дека за 2025 година плати за судството се предвидени 2,334 милијарди денари, додека во барањата за новиот буџет тие изнесувале 3,751 милијарди денари – односно речиси 1,4 милијарди денари повеќе од сегашното ниво.
Буџетот за судството за следната година е планиран рационално, во рамки на законските лимити и во контекст на фискалната консолидација, а во моментот се прават анализи за процентот од буџетот кој што му следува во судството согласно европските практики, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска -Кочоска.
– Во 2025 година буџетот за судството изнесуваше 2,858 милијарди денари, а со ребалансот изнесува 2,748 милијарди денари. За следната година, буџетот е предвиден на исто ниво, додека нивното барање беше 5,229 милијарди денари. Важно е да се напомене дека секој буџетски корисник, согласно Законот за буџети, добива лимит од Министерството за финансии во рамките на кој треба да ги планира своите расходи. За судството, лимитот бил 2,995 милијарди денари – рече Димитриеска-Кочоска во гостувањето во Дневникот на ТВ Сител.
Во однос на платите, министерката нагласи дека за 2025 година плати за судството се предвидени 2,334 милијарди денари, додека во барањата за новиот буџет тие изнесувале 3,751 милијарди денари – односно речиси 1,4 милијарди денари повеќе од сегашното ниво.
-Во услови на фискална консолидација, кога претходно се трошело повеќе од дозволеното, сега е неопходно да се постави државата на правилен пат и да се постигне буџетски дефицит од 3% за следната година. Иста е ситуацијата и со Основното јавно обвинителство и Народниот правобранител – за секој од нив можеме да ги наведеме лимитите, барањата и разликите во однос на износите- рече Димитриеска-Кочоска.
Таа потенцираше дека мора внимателно да се провери од што точно ќе се пресметува овој процент.
– Не е доволно да се каже „0,3%, 0,4% или 0,8%” – треба да знаеме од кои приходи или средства произлегува. Во моментов извршуваме детални анализи за да го утврдиме точниот процент од буџетот што ќе му следува на судството и обвинителството. Нашата цел е рационално користење на средствата и транспарентно планирање во рамки на законските лимити – рече Димитриеска-Кочоска.