КОЛКАВА ОПАСНОСТ БИ БИЛЕ РАКЕТИТЕ „ТОМАХАВК“ ЗА МОСКВА? Трамп размислува за испорака, Киев трие раце
Моќта на ракетите Томахвак не е само во дострелот од 2.400 километри. Модерните верзии, како Block IV и V, имаат способност да го менуваат правецот на лет и да добиваат нови координати во реално време, што им овозможува да „танцуваат“ на небото. Некои дури и враќаат слики за тоа што уништиле.
Престседателот на САД Доналд Трамп ги олабавува кочниците, на Украина можеби ѝ се отвора вратата за добивање на ракетите „Томахавк“, оружје кое досега беше табу за Киев. Потпретседателот Џеј Ди Венс потврди дека Белата куќа ја разгледува испораката на крстосувачките проектили кои можат да погодат во срцето на Русија.
– Искористете ја можноста да напаѓате од долг дострел – изјави Кит Келог, специјалниот пратеник на американскиот претседател за Украина за „Фокс Њуз“, алудирајќи дека Доналд Трамп ја променил стратегијата од времето на Бајден.
Но, колку се моќни овие ракети и дали можат да направат разлика во војната во Украина?
Сенката што избегнува радар
Низ историјата, ракетите „Томахавк“ биле симбол на американската прецизност и одмазда. Летале на мали височини, низ планини, канали и шуми, невидливи за радарите, додека не ја поголтаат целта.
Со дострел до 2.400 километри и боева глава од 450 килограми, овие ракети нудат нешто што досега Киев не го поседувал, удар на длабока стратегиска територија.
Но, нивната сила не е само во далечината. Модерните верзии, како Block IV и V, имаат способност да го менуваат правецот на лет и да добиваат нови координати во реално време, што им овозможува да „танцуваат“ на небото. Некои дури и враќаат слики за тоа што уништиле.
За Украина, тоа би значело можност да гаѓа радарски бази, воени магацини, далечни комуникациски центри и можеби, како што често се шпекулира, цели во близина на Москва.
Потешка од ХИМАРС, посмртоносна од ПАТРИОТ
Во споредба со системите што Украина веќе ги има, „Томахавк“ е како скалпел наспроти чекан. Системот ХИМАРС е одличен за прецизни удари на 70 до 300 километри.
Од друга страна, американскиот систем „Патриот“ кој неколкупати ѝ беше доставуван на Украина е одбранбен систем, ловец на влезни ракети, но не е средство за напад. Томахавк ги надминува и двата по дострел, со можност да ги напаѓа и бункерите што лежат зад Урал.
Технички, овие ракети функционираат преку комбинација на ГПС и навигација базирана на терен, што ги прави неверојатно прецизни. Нивната патека е прилагодлива, а профилот на лет – низок.
Иако тие не се хиперсонични ракети, нивната ефикасност досега беше неспорна во конфликти во Ирак, Сирија и во Либија.
Домот на Путин на нишан?
Прашањето кое се наметнува е: можат ли теоретски овие ракети да стигнат до Москва? Одговорот е – да, дури и ако се лансираат од западна Украина или од сојузнички територии. Но, не станува збор само за дострел.
Рускиот ПВО систем е еден од најсилните во светот и ќе се обиде да ги пресретне. Сепак, масивна координација, мамци и истовремени удари можат да ја заматат сликата, оставајќи простор барем за неколку ракети да поминат.
Стара стратегија, нова игра
Додека Вашингтон се престројува, Киев не мирува. Украина веќе ја напаѓа Русија со дронови, обидувајќи се да врати за масовните руски напади со дронови. Последниот руски напад бил најмасовен досега: 595 дронови и 48 ракети биле лансирани од Русија во една вечер, при што загинале 4 лица во Киев, а повредени се повеќе од 80.
Исто така, во последните недели, европските земји се на штрек поради неколку инцидентите со дронови во Полска, Естонија, Данска и во Германија. Шведска испраќа системи за рано предупредување во Данска.
Франција најави поддршка со хеликоптер „Фенек“ и тим од 35 лица. Данска воведе забрана за цивилни дронови пред Самитот на ЕУ во Копенхаген, а министерот Томас Даниелсен предупреди дека мерките ќе се засилат.
Москва сака да ги разоружа и Лондон и Париз
Во меѓувреме, рускиот претседател најави дека Москва ќе го почитува нуклеарниот договор „Нов Старт“ со САД уште една година по неговото истекување симболично фрлајќи ракавица кон Вашингтон.
Коментирајќи го овој потег, на новинарско прашање, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков најави дека за Москва приоритет ќе биде и прашањето на нуклеарното оружје кое го поседуваат Франција и Велика Британија.
– Во иднина, нема да биде можно да се игнорираат овие арсенали. Покрај тоа, тие се дел од глобалниот проблем на безбедност – изјави Песков.