Колев: Владата итно да наложи 30-дневен колективен одмор за конфекциите
Мерката треба да ја наложи Владата, за подоцна и овие компании да добијат помош од државата - рече Колев и дополни дека разбира оти трпат загуби и ќе трпат, но на сопствениците треба да им се објасни дека мерката е за нивна безбедност.
Штип е на врвот на листата според бројот на активно заразени со ковид-19 во однос на бројот на жители и потребни се итни мерки за спречување на заразата. Владата под итно треба да наложи 30-дневен колективен одмор за конфекциите, затоа што тие и понатаму остануваат најголемата опасност заразата да пламне не само во Штип, туку во цела Источна Македонија. Причините се што не постојат услови да се реорганизира производството, како и поради условите за транспорт на вработените, потенцираше претседателот на Граѓанско демократската унија, Петар Колев, на гостувањето во емисијата 168 – Анализи и коментари на штипската телевизија Стар.
– Во конфекциите не работат само луѓе од Штип, туку од цела Источна Македонија. Повеќе од два месеци апелираме да се обрне посебно внимание на конфекциите, како и претпријатијата од кожарската индустрија. Во овие капацитети нема услови производството да се реорганизира согласно мерките за заштита од ковид-19, како и поради непочитување на мерките за транспорт на вработените. Затоа, нашиот предлог останува ист – наместо во август, сега да им се даде колективен одмор на вработените во секој производствен капацитет каде нема услови да се почитуваат постојните мерки за заштита. Всушност и првиот државен празник што досега конфекциите го искористиле како неработен е Духовден, поради мерката што им ја наложи градоначалникот Бочварски и таа е за поздравување. Но, тоа не треба тука да застане, потребни се итни мерки – рече Колев и потенцираше дека апелот не е со цел да се саботира власта или ГДУ да собира политички поени, туку од безбедносни причини.
Според Колев, предлозите на ГДУ се во насока да се изгради заеднички став на сите партии, независно дали се на власт или во опозиција за справување со заразата која не дискриминира според партиска припадност. Опасноста по здравјето на граѓаните постои за сите подеднакво и не треба партиите да се обидуваат да ќарат симпатии преку политички популизам.
– Ако бројките во Штип продолжат да раснат, ќе има и огромни реперкусии и врз економијата во овој регион. Мерката треба да ја наложи Владата, за подоцна и овие компании да добијат помош од државата – рече Колев и дополни дека разбира оти трпат загуби и ќе трпат, но на сопствениците треба да им се објасни дека мерката е за нивна безбедност.
– А, зошто досега тоа не го сторија? Одговорот е едноставен, голем број од конфекциите се спонзори на СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ. И ние сега бегаме од вистината зошто затаи контролата и мониторингот. Каде беше Трудовата инспекција, УЈП, Санитарна – здравствена инспекција? Каде беше локалниот штаб за да провери дали се почитуваат тие мерки? Дали си земаа нови кошулчиња и костумчиња и заборавија дека треба да одат во контрола во конфекциите. Или треба да има избори и чекаме нови донации од нив. Што е поважно – капиталот и бизнис интересот на стотина луѓе во овој регион или здравјето на десетици илјади работници во тие компании? – рече Колев.
За очекувањата од претстојните парламентарни избори и најавите на ДУИ дека на изборите одат за да го дадат првиот албански премиер, Колев одговори дека тоа е одлука на граѓаните на Македонија. Позицијата на ГДУ е јасна и категорична дека нема да поддржат Влада во коалиција со ДУИ.
– ГДУ има десетина приоритети пред себе. Прво е намалување на бројот на пратеници на 60 и да запре исплатата на патни трошоци, намалување на бројот на министри на 15, како и намалување на бројот на советници и слични редукции во администрацијата. Промена на изборен модел, односно Македонија да биде една изборна единица. И Влада без ДУИ, затоа што ДУИ се покажа како неконструктивен партнер вовлечен во многу криминални зделки во последниве 20 години. Ако зависи од ГДУ, а верувам дека така ќе биде, ГДУ нема да поддржи Влада во чиј состав ќе биде ДУИ. Се надевам дека и нашите сограѓани Албанци разбираат што сака да предизвика Ахмети. На секои избори некој ја пали етничката карта. Од едната страна се ВМРО-ДПМНЕ, а од другата страна се ДУИ. Истата комбинација која 11 години направи пепел во државата. Камен врз камен не остана, освен стиропор што го однесе ветерот. Милиони евра, а можеби и милијарди исчезнаа и на крајот ниту еден висок функционер на ДУИ или на ВМРО-ДПМНЕ не заврши во затвор – рече Колев и потенцираше дека граѓаните кои сакаат ДУИ да биде во власта нека гласаат за СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ, а ако гласаат за ГДУ, тогаш ДУИ нема да биде во власт.
Колев зборуваше и за проблемите со кои се соочуваат земјоделците во Источниот регион, особено во однос на водоснабдување, како и за потребите за чистењето на каналите за водоснабдување.