Коктел против корона за светска слава или за крај на кариерата на еден „арогантен“ вирусолог?

Човекот кој прв ја тестираше комбинацијата хидроксиклороквин – азитромицин, професорот Дидие Раул од Марсеј, за две недели би можел да знае дали ќе биде овенчан со светска слава или ќе биде отфрлен од научната заедница како арогантен и заблуден научник.

5,684

Во рок од две седмици би можеле да знаеме дали професорот Дидие Раул, францускиот вирусолог кој раководи со Медитеранскиот институт за заразни и тропски болести во Марсеј, ќе биде зпишан во историјата како човекот кој го спаси светот од Ковид-19, или ќе биде отфрлен како арогантен, заблуден научник, кој шири лажни надежи, пишува „Ајриш Тајмс“.

Професорот Раул е човекот кој администрирал коктел со хидроксиклороквин, помалку токсичен дериват на хлороквин, лек што се користи за лекување на маларија, лупус и ревматиден артритис, и азитромицин (кај нас познат како „сумамед“), антибиотик што се користи против бактериска пневмонија, на 24 пациенти заразени со Ковид-19.






Резултатите од ова тестирање професорот Дидиер Раул ги објави на 16 март. По примањето на доза од 600 милиграми „плакенвил“ (едно од комерцијалните имиња на хидроксиклороквинот) и 250 милиграми азитромицин во текот на шест дена, три четвртини од пациентите биле тестирани негативни на вирусот, додека 90 отсто од оние во контролната група останале позитивни.

Со најавата на американскиот претседател Доналд Трамп и на гунернерот на државата Њујорк Ендрју Куомо, дека овој коктел од денеска (вторник, 24 март) ќе се користи за лекување на пациенти во САД, стасуваат и предупредувања никој ништо да не презема во паника и на своја рака.

Така, регистриран е и еден смртен случај во САД, поради самоволно користење на хлороквин фосфат, адитив кој вообичаено се користи за чистење на аквариумите за риби. Во Феникс, еден маж починал, а неговата сопруга е во критична состојба, откако на своја рака го употребиле „чудотворниот лек“ без лакарска контрола.

Сепак, гувернерот Куомо најави дека коктелот на професорот Раул ќе се тестира во државата Њујорк, а претседателот Трамп на 21 март на Твитер изрази голем оптимизам во врска со оваа комбинација на лекови.

Комбинацијата хидроксиклороквин – азитромицин е одобрен за лекување на одредени случаи на болни од Ковид-19 и во Македонија, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче. За кусо време ќе бидат познати и првите резултати од примената во Њујорк, кои ќе бидат важни, бидејќи научниците предупредуваат и на опасните нуспојави од овие лекови.

Затоа, за пациентите останува предупредувањето да не ја користат оваа терапија, или било која друга, на своја рака. Сите лекови имаат контраиндикации и нуспојави, кои можат да бидат потенцирани во случајот на заболени од Ковид-19. Затоа, заразените мора да користат само лекови што ќе им бидат пропишани и под строга лекарска контрола.

Како и да е, битката против коронавирусот е, всушност, глобална војна на светот против еден непознат и опасен непријател, а во војните обично брзо напредува и медицината. Процедурите и лековите кои вообичаено чекаат на долгогодишни клинички студии, во вакви ситуации се применуваат во праксата.

Њујорк е епицентар на заразата во САД и професорот Дидие Раул нема долго да чека да дознае дали ќе биде овенчан со светска слава или ќе биде отфрлен од научната заедница како чудак.

Поврзани содржини