KOJA БЕШЕ ПЕЈАЧКАТА ОД КУМАНОВО КОЈА ПЕЕЛА СО ЕЛА ФИЦЏЕРАЛД? Бети Ѓорѓевиќ беше позната по хит од 70-тите, а на 73 години сними дует со Рамбо Амадеус

Родена во село Матејче, Куманово, во 1946 година, Бети Ѓорѓевиќ која почина во 80-тата година од животот, растела со баба ѝ во сиромашно домаќинство, а на 15 години се преселила кај роднини во Белград. Многумина ја сметаат за балканска Ела Фицџералд со биографија на Тина Тарнер. Прочитајте ја нејзината биографија преземена од срски „Курир“

616

На 80-годишна возраст почина пејачката Благица Бети Ѓорѓевиќ, чиј глас ја обележа југословенската музичка сцена, особено со хитот „Да ја почнеме љубовта од почеток“ (1978).

Родена во 1946 година во село Матејче, Куманово, Бети Ѓорѓевиќ пораснала со баба ѝ, а во едно интервју изјавила дека имала тешко детство со оглед на тоа што пораснала во повоените години.






Од детството како воено сираче, кое пораснало со својата баба, сакала да го памети само мирисот на домашен леб, пити, домати и пиперки. На 15-годишна возраст се преселила да живее кај нејзините роднини во Белград, каде што учела во музичкото училиште „Станковиќ“, насока виолончело и пијано.

Зад себе има петдецениска кариера, јасна музичка определба и адут број еден – одличен глас, поради што многумина ја сметаат за балканската Ела Фицџералд со биографија на Тина Тарнер – тоа е Бети Ѓорѓевиќ во една реченица, пишува српски Курир.

 

Богата кариера

Почетокот и подемот на нејзината кариера се поврзани со гитаристот Слободан Боба Ѓорѓевиќ, за кого се омажила на 17 години, а потоа, на само 20 години го родила нивниот син, за во 1978 година да се разведе.

Прво настапувала со нејзиниот сопруг и неговиот бенд во американските клубови во Западна Германија, а потоа ја запознале гостите и посетителите на белградскиот хотел „Југославија“, кадешто ноќ по ноќ ги воодушевувала со својот глас и талент.

Првиот сингл го издала во 1974 година, а на него се нашле песните „Крај моје туге“ и „Ноч је лепша с тобом“.

До почетокот на 80-тите, таа објавила уште десет синглови. Голема популарност ѝ донел хитот „Почнимо љубав испочетка“  кој за прв пат го извела во 1976 година на фестивалот „Белградска пролет“.

Голем успех и популарност стекнала откако пеела со познатата џез пејачка Ела Фицџералд. Тоа било во 1972 година, во хотелот кадешто Бети настапувала, а Ела гостувала. Таа седела во ресторанот и го слушала бендот. Гласот на Бети ја воодушевил, па таа вечер пееле заедно. На разделбата ѝ кажала дека би сакала да ја посвои доколку некогаш дојде во Америка. Ова се раширило низ Белград, но и низ тогашна Југославија, па Бети, Боб и другите членови на бендот станале многу популарни. Салата на хотелот „Југославија“ станала претесна за да ги собере сите што сакале да ги слушнат.

Трипати настапувала во поранешниот Советски Сојуз со музичари од поранешна Југославија, меѓу кои бил и тогаш неетаблираниот клавијатурист Оливер Драгојевиќ. Како што објавиле тогаш медиумите, публиката во Москва и Санкт Петербург секогаш ги поздравувала со ентузијазам. Поради нејзиниот специфичен глас и стил на пеење, ја нарекувале „Белата жена со црнечки глас“, а многу странски музичари не можеле да поверуваат дека таа не е родена во Америка, колевката на џезот и соул музиката.

Наскоро во Југославија дојдоа нови стилови и како што самата рекла, одбила да ги послуша трендовите. Продолжила повремено да настапува по белградските клубови.

Помладата публика имаше можност да ја запознае, а постарата публика да се потсети на неа кога во 2012 година беше објавено ЦД со 23 од најголемите хитови на легендарната Бети. Настапи со Рамбо Амадеус (Антоније Пушиќ) во 2018 година на Беовизија, со дуетот „Нема те“.

Бракот со Боба

Како тинејџерка го запознала сопругот Боба, брзо се заљубиле и нивната љубов била крунисана со брак.

Веќе на 20 години се остварила како мајка кога го добила синот Бранислав.

Боба настапувал во странство со својот бенд, а Бети живеела во Белград и повремено го посетувала. Во една прилика му се придружила на настап во Западна Германија, а неговиот бенд бил воодушевен од нејзиниот глас.

Сепак, на среќата ѝ дошол крајот и тие се развеле во 1978 година, а како причина за разводот пејачката рекла дека не можеле да се справат со товарот на славата.

– Само ме бараа, а тој не можеше да се справи со тоа. Не можеше да поднесе и дојде до криза. Во тие последни години почнаа некои непријатни ситуации… Штета. Петнаесет години брак и на крајот мораше да заврши како што заврши – открила Бети во интервју за Стори.

Смртта на синот

Пред неколку години животот на Бети се промени, откако нејзиниот син единец почина на 47-годишна возраст од срцев удар. Зад себе ги остави сопругата Снежана, ќерката Кристина и синот Владан.

– На гробишта сум, каде на друго место, кога ќе ме прашаат… Само јас знам како се чувствувам. Денес имаш дете, утре немаш. Не знаев каде одам и што ќе правам со себе. Не ми е лесно да ви објаснам… Пејам, но попрво би врескала. Низ секоја нота, низ секоја песна излегува мојата болка. Огромна болка. Мојот син веќе го нема… Почина од срце. Имаше 47 години. Остави зад себе две деца. Мојата внука Кристина, внукот Владан и прекрасната снаа Снежана – изјави пејачката за Блиц.

Иако и после тоа повремено настапуваше и се трудеше на својата публика да и ги подари само најубавите емоции, пејачката признава дека од тој ден повеќе ништо не е исто. После тоа престанала да слуша музика бидејќи ја слушала со синот.

– Мојот син беше многу талентиран. Заедно слушавме музика. Сега веќе не слушам музика, не слушам ништо. Ме прашуваат како функционираш. Како да функционирам? Јас не функционирам! Јас не слушам ништо. Не можам да ги слушам тие работи што јас и син ми ги слушавме заедно…

Нејзиниот живот оттогаш, како што вели во споменатото интервју, е време на плачење. Таа најде сила да продолжи со својата работа и да настапи еден месец по неговата смрт, а ја отпеа песната „Crying time“.

– Само еден месец по неговата смрт требаше да настапам во Гардос. Настапот беше закажан многу пред тоа. Отидов во Земун… застанав на бината. Аплауз, овации. Во публиката има многу луѓе кои ме паметат, знаат која сум… Не издржав… Мислев дека засекогаш ќе ја премолчам мојата болка. Реков дека тој настап му го посветувам на мојот син кој почина. И ја отпеав „Crying Time“. Тоа е затоа што мојот живот од тогаш е – време на плачење.

 

Во 2023 година, таа доби специјална награда „Mts Award“ на фестивалот Белградска пролет како признание за нејзиниот придонес во музиката.

Поврзани содржини