КОИ СТЕ БРЕ ВИЕ, ОД КОЈА ДУПКА ИЗЛЕГОВТЕ? Жестока колумна на Венко Андоновски за неписмените препродавачи на историјата

„Кои сте бре вие, довчерашни препродавачи на пипер и лук, и како дојдовте до тоа на Кванташки во Брисел и Вашингтон да препродавате историја, свети мошти и национални архетипови, па поднесувате амандмани за геополитика, ботоксирање на историјата и за еколошки чисти историски буништа, кои од вас ги бара пречистата блудница Европа, на која матката ѝ е истенчена од историски киретажи и абортуси на цели народи?“, пишува Венко Андоновски во својата најнова колумна во „Нова Македонија“.

24,105

Пренесуваме три извадоци од најновата жестока колумна на Венко Андоновски објавен во „Нова Македонија“:

Кои сте бре вие и од која дупка излеговте? Вие, неписмените а возгордеани (колку понеписмен, толку повеќе се цени!) способни само за дрпни-лапни, без разлика дали се колнете во чесниот крст или во чесната полумесечина? Тешко им на писмените меѓу вас! Кои сте бре вие, за кои Македонија е само добро платена хонорарна работичка, part time job што треба да ја одработите за вашите партиски и глобалистички газди, а ги запоседнавте собранијата, заседанијата, форумите и агорите, фондовите, фондациите за култура, министерствата, владите, трибините, плоштадите, па гракате во еден ист хор со враните што го најавуваат светското царство на постхуманитетот?






(…)

Кои сте бре вие, довчерашни препродавачи на пипер и лук, и како дојдовте до тоа на Кванташки во Брисел и Вашингтон да препродавате историја, свети мошти и национални архетипови, па поднесувате амандмани за геополитика, ботоксирање на историјата и за еколошки чисти историски буништа, кои од вас ги бара пречистата блудница Европа, на која матката ѝ е истенчена од историски киретажи и абортуси на цели народи?

(…)

Ах, што не е жив Гане, да ви каже кои сте, од А до Ш (па обвинете му ја поезијата за говор на омраза): арамии, абдали, акмаци, болигазовци, бесрамници, бесчесници, витосници, вопери, влекачи, гниди, гадурии, грабачи, давајгазовци, драпајколчишта, дибеци, ѓурултаџии, ѓонобрази, ѓозбојаџии, евнуси, евтинџии, есапчии, жонглери, жганови, живодери, замети-зачисти-забриши, испичутури, изроди, измелезени, јавашлии, јагмаџии, јаничари, килави, курташаци, ќесеџии, незадоени, наакани, неранимајковци, острастени, ороспикефлии, отчовечени, паликуќи, простаци, подлизурковци (прдежи со претензии за громови), растурикуќи, разумогубители, распојасани, сеирџии, сезнајковци, сенештари, токмаци, тепајкамајковци и тепајтатковци, ќарлии, ќелеши и ќелепури, ујдурмаџии, утки, учкур-костумлии, фејсбук-фанариоти, фалшиви, фалсификатори, хохштаплери, хајкачи, хулници, цензори, цепеници, цепидржави, чауши, чатпатлии, чедоубијци, шалабајзери, шарлатани, шутраци!

Целата колумна на Венко Андоновски можете да ја прочитате на следниот ЛИНК.

Поврзани содржини