Кои работници ја покриваат синдикалната кошничка од 33.704 денари?

ССМ при пресметката на минималната кошничка како основа зема четиричлено семејство, кое живее во дом од 50 метри квадратни и не поседува автомобил.

759

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) пресмета дека на едно четиричлено работничко семејство во октомври му биле потребни 33.704 денари за да ги задоволи минималните потреби за живот.

Во кошничката, исхраната и пијалоците заземаат 41,8 отсто од парите или учествуваат со 14.092 денари, домувањето со 10.812  хигиената со 2.388  а превозот со 2.469 денари. За облека и обувки, според пресметките на синдикатот, биле потребни 2.157 денари, за култура 1.066 додека за одржување на здравјето вкупно 716 денари.






Да потсетиме, ССМ при пресметката на минималната кошничка како основа зема четиричлено семејство, кое живее во дом од 50 метри квадратни и не поседува автомобил.

 

Ред.

број

Елементи кои ја формираат вредноста  на минималната синдикална кошница Meсец 10

2020

% учество структура
1. Исхрана и пијалоци 14 092,64 41,81
2. Домување 10 812,82 32,08
3. Хигиена 2 388,61 7,09
4. Превоз 2 469,16 7,33
5. Облека и обувки 2 157,26 6,40
6. Култура 1 066,79 3,17
7. Одржување на здравје 716,91 2,13
Вкупно: 33 704,20 100,00

 

За споредба во август за кога има последни податоци, според Државниот завод за статистика просечната нето плата изнесувала 27 535 денари. Распонот на просечно исплатени нето плати зависно од дејноста и се движи од движи од 16.117 денари во кожарската индустрија до 66 433 во секторот компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности.

Ако се направи споредба со просечната нето исплатена плата за месец август, тогаш просечната плата покрива околу 82 отсто од Синдикалната минимална кошница. Тоа значи дека се потребни уште 6.169 денари за нормален живот. Меѓутоа, мал процент на вработените имаат плати повисоки од 30.000 денари и уште помал процент повисоки од 40.000 денари односно над 60.000 денари.

Работниците велат дека синдикатот само ја констатира висината на потрошувачката кошничка, но малку работи на полето на платите.

– Дали со плата од 16.000 денари се полни кошничка од над 33.000 денари? Сигурно не , а такви плати имаме во индустријата. Двајца вработени во кожарската индустрија едвај можат да ја покријат оваа кошничка. Замислете за облека и обувки велат се потребни 2.150 денари. Што може да се купи со овие пари? Можеби за обувки на еден од членовите на семејството ќе стигнат некако. Што станува сега со здравјето? Па на лекови некои семејства трошат најголем дел од парите. Да не е човек во кожата на нас работниците со ниски плати  – вели А.К работник кој е и член на синдикатот.

Според него, дојдено е време синдикатот да го покрене прашањето за платите и расчекорот меѓу трошоците за живот и платите, за да не се доведе државата во ситуација да размислува за идната бројка на сиромаштија или за тоа зошто луѓето ги напуштаат работните места и одат во странство.

– Имаме луѓе кои работат земаат плата и се сиромашни. Такви ги има во повеќето дејности. Нив ништо не им преостанува или да живеат во мизерија или да ги засукаат ракавите и со целото семејство да заминат во странство. Сега оди потешко заминувањето поради коронава, но секој ја чека првата прилика – вели тој.

Во државава најсиромашни се семејствата со повеќе деца, но и оние со четири члена, односно двајца родители со две деца.

Поврзани содржини