Кого лаже Османи за 2030?

Неговата „заслуга“, што Македонија е доведена во безизлезна ситуација, ќе остане голема и вечна. Со лаги и измислици, тој и себе, ама и сите нас, нѐ прави недоветни.

1,581

„Нашиот“ МНР, Б. Османи, постојано ни повторува дека до 2030 година ќе влеземе во ЕУ. И, не само тој. Невозможно е човекот да верува во тоа, бидејќи изворно ги знае работите. Останува дека – свесно лаже. Власта ништо не испорачува и игра само на картата за членство во Унијата, како единствен опиум за народот. Во прашање се невидени манипулации!

Прво, намерно, како притисок за промена на Уставот, целосно се измислени информациите дека Албанија и Македонија ќе мора да се двојат на патот кон ЕУ. Тоа е веќе завршено. Албанија ги започна и ќе ги тера преговорите. Македонија, ќе ги започне, откако ќе го смени Уставот. Кога? Никој не знае.






Второ, по скринингот, којшто треба да заврши до крајот на оваа година, преговорите не започнуваат веднаш. И да го смениме Уставот во меѓувреме, на Брисел му се потребни уште неколку други фази за подготовка. На пример, нови патокази врз основа на скринингот. Во Црна Гора, тие траеја една, а во Србија две години. Дури потоа на ред доаѓаат 35-те поглавја. Во нашиот случај – само ако го смениме Уставот.

Трето, и да го промениме Уставот оваа година, и да ги започнеме преговорите во 2024, и сите земји членки да сакаат итно да нѐ примат, предводени од Бугарија и Грција (!?), Македонија не може ни теоретски да ги заврши преговорите за пет години (2024 – 2028). Дури, и сите услови да бидат идеални. Толку време ќе ни остане за преговори бидејќи, откако би го потпишале договорот за членство, во 2028, последните две години (2029 и 2030) се резервирани за земјите членки да го ратификуваат нашиот прием.

Ако Османи навистина мисли дека Македонија може за пет години да ги заврши преговорите, и тоа успешно, значи дека или ништо од сето тоа не разбира или, директно и бескрупулозно – нѐ замајува. Трето нема.

Четврто, ако Црна Гора преговара од 2012 (11 години) и е, речиси, на почеток од процесот, или Србија, која преговара од јануари 2014 (10 години), е исто така на почеток, МОЖНО ли е Македонија, за пет години, да направи осмо светско чудо? Нема шанси, нели?

Добро е познато дека Црна Гора нема никакви надворешни „душмани“, а нашите соседи едвај чекаат да ги започнеме преговорите за да можат до крај да не разнебитат. Да не остане ниту пердув од македонизмот.

Заради Косово, Србија е посебен случај, ама заради апетитите на Софија и Атина, и не само нивни, ние сме екстра специјален случај. Такви сме, со голготи, веќе 30 години.

Петто, еве, веднаш ќе го смениме Уставот и нека преговорите започнат да се одвиваат на брза трака, експресно. Грција ќе ја апстрахираме а Софија нека изигрува дека е отсутна. Никој нека не и кажува до каде сме а ние ќе завршиме едно чудо поглавја на неверојатен и зачудувачки брз начин. И, опа, еве нѐ на 26 поглавје кое се однесува на образованието и културата. Помислуваш, ништо полесно. Готови сме!

Одеднаш – беља. Еве ти ја Софија! Се разбудила од летаргијата и тропа на маса! Велат: Македонците, коишто длабински и неконтролирано не мразат – се разбојници! Го присвојуваат Гоце Делчев, којшто е чистокрвен Бугарин! Го ставиле во нивната химна и името му го пеат во став мирно; во учебниците, децата ги лажат дека е Македонец; му изградиле бројни споменици; неговото име го носат институции, училишта, улици, мостови… а тој е Бугарин. Сето тоа мора да се промени ако сака Скопје да продолжи со преговорите за прием! Толку!

Ова не е никаква хипотеза, туку неизбежна ситуација, со многу слични. И, што ќе правиме? Достоинствен излез нема да има.

Бујар Османи, не треба да дава ни пет пари за ова. Кога тоа ќе се случи, тој одамна веќе нема да биде МНР, и веќе нема да може да работи за албанската кауза, против македонските интереси. Неговата „заслуга“, што Македонија е доведена во безизлезна ситуација, ќе остане голема и вечна. Со лаги и измислици, тој и себе, ама и сите нас, нѐ прави недоветни.

Шесто, не треба да се заборава дека методологијата за преговори е нова и никој не знае како ќе функционира. Не е проверена во пракса. Таа е донесена за да го намали притисокот за членство, и „чешлањето“ на кандидатите да биде максимално ригорозно. Не, за да го олесни приемот. Според мислења на странски експерти, исполнувањето на условите е отежнато до максимум, а можностите на членките, за блокирање на кандидатите, се доведени до совршенство. Се спомнува дека како услов ќе се смета и комплементарното ниво на економски развој, со просеците во Унијата. Ако е така, барем во следните 25 години, никој од Балканот нема ниту да го помириса Брисел.

Седмо, власта и нејзините трабанти, коишто изигруваат недоветност и неразбирливо газат по својот личен интегритет, тврдат работи коишто немаат врска со вистината. Сите тие, предводени од Пендаровски („Државата нема да пропадне ако ги внесеме Бугарите во Уставот“, „Вечер“, од 27/4/2023), нѐ уверуваат дека промената на Уставот и Бугарите во него е – чиста техничка операција. Не е можно дека не им се јасни и евидентни сите последици коишто ќе следуваат? Сигурно не е во прашање природна глупост, туку прецизни лични интереси.

Осмо, како може да внесуваш некакви измислени Бугари во Уставот, та да ги има и 300 илјади, ако нивната матична држава не признава дека ние постоиме како народ, јазик, историја…? Што покажуваме со тоа? Дека се во право?

Деветто, тврдењата, пак, дека со тоа се потврдувало дека сме два народа е чист идиотизам. Така би било само ако Софија ги стави Македонците во нивниот устав. Не ние Бугарите.

Десетто, промена на устав, тешко може да биде техничка операција. Тоа е света категорија за секоја држава и не се допира освен ако се мора. Причините, мора да се прифатливи барем за огромен дел од населението, и во нивна корист.

Единаесетто, промена на устав, под ултиматум и уцена на друга држава, е класична капитулација. Знаат ли што зборуваат Пендаровски и сите други полтрони на власта? Какви глупости трескаат? Целта не ги оправдува средствата.

Дванаесетто, еве, сепак, да се обидеме да им помогнеме на сите тие што при очи ништо не гледаат, а при уши ништо не слушаат, иако се’ им е јасно. Неспорен факт е дека со катастрофалниот договор од Нивици ние се откажавме од македонизмот. Прифативме дека Македонците се од Грција, кај нас ги нема, а ние сме нешто друго, што треба да се дефинира. Барем за светот, иако меѓу себе не ни забранија да се нарекуваме Македонци. Додека се живи овие генерации.  Нивици е одлична потврда дека сме измислен народ.

Се откажавме од сите македонски институции. Тоа значи дека прифативме и дека немаме своја држава. Таа веќе не е македонска, и тоа не само според името, туку и по содржина. Нема веќе македонски МИА, МОБ, МНТ… сите станаа национални. Ничии. Во земјава има и Албански и Турски театар, ама нема – македонски. Треба ли додатни објаснувања, за ќарот од Нивици?

Тринаесетто, откако ќе ги внесеме непостојните Бугари во Уставот тие, со право, ќе бараат да се формираат и нивни национални институции – театар, фолклорен ансамбл, универзитет, институти… (за историја, јазик…). Сето тоа ќе се плаќа од нашиот Буџет. А, во стриктна координација, базирана на долгорочни планови, Софија и нејзините тајкуни, ќе фрлаат големи пари за забрзување на процесот на бугаризација. Праксата е веќе започната. Додека се брише и урнисува се’ македонско, тука се Бугарите. За целосна замена. Како, инаку, најлесно ќе се создаде втора бугарска држава?

Четиринаесетто, гледате ли како нешто може да има долгорочни трагични последици, а за аматери да биде обична техничка операција? Спомнатите примери се само првични. Во процесот на преговори ќе ги има безброј. Секое неисполнување на „братските“ и „добронамерни“ барања од Софија, и на прагматичните аспирации и инсистирања на Атина, сите во форма на ултиматуми, уцени, блокади и вета, ќе ги претворат преговорите во бескраен, уништувачки процес.

Дали Бујар Османи можеби мисли на членство во 2130?

Поврзани содржини