КОГА ВОЗОВИТЕ ЌЕ СТИВНАТ! Железница ќе остане без струја и без линии, можна е приватизација
Веќе со години се бориме да ги исплатиме нашите обврски, но тоа е навистина тешко. Ние и претходно важевме за загубар, а актуелната криза дополнително ни зададе удар, па вкупниот наш долг надминува 40 милиони евра кон сите доверители - велат нашите соговорници од МЖ Транспорт.
Наскоро истекува рокот до кој МЖ Транспорт мора да достави банкарска гаранција за долгот од повеќе од 6 милиони евра за потрошена струја, а доколку тоа не се случи ова претпријатие ќе биде во мрак. Според информациите до кои дојде Плусинфо можна е приватизација на дел од претпријатието, за што веќе имало заинтересирани купувачи.
Доколку се случи ова државно претпријатие да остане без струја тоа ќе значи колапс на железничкиот транспорт во земјава, затоа што ќе бидат укинати возовите на електричен погон, па во употреба ќе останат само оние што користат нафта. Во овој момент надвор од функција се линиите до Табановце и Кичево, а доколку нема струја ќе биде укината и линијата до Гевгелија, па единствено ќе остане само возот Скопје-Битола-Скопје.
Од ЕВН не откриваат детални податоци околу тоа колку оваа државна институција должи за струја, поради заштита на податоците на клиентите, но ни потврдија дека се многу блиску до исклучување.
– Рокот за достава на банкарска гаранција од страна на МЖ Транспорт е помалку од две недели. До овој момент такво нешто се нема случено, па поради тоа веднаш по изминувањето ќе следува исклучување на струјата, согласно правилата за снабдување – велат до ЕВН за Плусинфо.
Со години се бориме со долговите
Неофицијално, извори од Македонски железници-Транспорт за Плусинфо потврдија дека се многу блиску до исклучување на струјата поради неплатени сметки, затоа што долгот за струја е многу голем, а тие немаа пари да ги подмират своите обврски, особено во периодот кога кај нас има голема економска и енергетска криза.
– Веќе со години се бориме да ги исплатиме нашите обврски, но тоа е навистина тешко. Ние и претходно важевме за загубар, а актуелната криза дополнително ни зададе удар, па вкупниот наш долг надминува 40 милиони евра кон сите доверители. Доколку останеме без струја патничките и товарните возови ќе запрат. Во функција ќе бидат само оние кои користат нафта како погонско гориво – ни рекоа нашите соговорници од МЖ-Транспорт.
Претпријатието одамна е на листата на загубари, па како решение за оваа компанија се споменуваше и приватизација. Тоа го потврдуваат и од Железница, од каде велат дека во моментов има заинтересиран купувач, но само на еден дел од железничкиот транспорт.
Ако нема избори, ќе има приватизација
– Голема е веројатноста веќе од следната година да следува приватизација, но не е познато дали ќе се приватизира целиот транспорт или само товарниот дел – вели нашиот извор.
Во моментов имало некои Италијанци кои биле заинтересирани за купување само за товарниот дел, но не се исклучува можноста транспорт да остане на државата, а сѐ ќе се знае до Велигден следната година. Ако има избори напролет нема да има приватизација, но доколку има редовни избори во 2024, тогаш може со сигурност да се каже дека ќе има приватизација, велат изворите.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека државата ќе мора да ги покрие долговите за електрична енергија на оние клучни институции кои имале објективни причини за такво нешто, но не и на оние институции кај кои не постојат вакви причини. Тие ќе бидат повикани на одговорност.
– Не ми е сфатливо како може со години да не се плати струја што е недомаќинско однесување на дел од раководителите на тие институции. Кај дел има и објективни фактори, на пример здравствените институции, кои беа оптоварени со многу трошоци во текот на корона-кризата. Не трпам директори кои не плаќале струја затоа што сметале дека нивните институции не можат да останат без струја само затоа што се од витално значење – изјави Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција во Владата.
Ова претпријатие, и неколку други кои се сметаат за витални за функционирањето на државата, се заштитени со закон од исклучување на струјата. Од ЕВН Хоум велат дека меѓу потрошувачите има објекти и институции што не смеат да ги исклучат поради неплатен долг.
И МЖ Транспорт меѓу заштитените со закон
– Согласно Правилата за снабдување со електрична енергија, потрошувачи чие снабдување со електрична енергија не смее да биде прекинато се: болници, клиники, посебни здравствени установи, установи за прва помош, јавни објекти за водоснабдување, објекти и средства за јавен превоз како што се аеродроми, железнички и автобуски станици и сигнални станици во јавниот сообраќај, хидрометеоролошки и сеизмолошки станици и градинки – наведуваат од ЕВН-Хоум.
Според членот 44 став 3 од законот ЕВН Хоум го известило МЕПСО дека рокот за доставување на една од гаранциите за плаќањето, како и времетраењето на снабдување со струја од краен снабдувач, истекуваат и побарале од операторот да се прекине снабдувањето со струја на МЖ Транспорт.
„Земајќи ги предвид Правилата за снабдување со електрична енергија, Железници на Република Северна Македонија, како дел од критичната инфраструктура, не може да биде исклучен од електропреносната мрежа од страна на АД МЕПСО, затоа што ваквите случаи во законот не се јасно дефинирани и затоа МЕПСО до Влада го испрати дописот од ЕВН со цел да се утврдат натамошните чекори и евентуално да се најде начин претпријатие да не претрпи штети“, се вели во дописот од МЕПСО.