Кога вонредна состојба?

За да се намали таа пренатрупаност на болничките капацитети, драг мој претседателе, потребна е вонредна состојба! За да се спасат што е можно повеќе човечки животи, драг мој министре за здравство, потребна е вонредна состојба! Извинете на безобразноста, ама за да имате повеќе (живи) гласачи на следните избори, драг мој премиере, потребна е вонредна состојба!

2,468

Нема потреба од прогласување нова вонредна состојба. Минатиот пат го сторивме тоа затоа што Собранието беше распуштено, а сега имаме активно Собрание, рече претседателот Стево Пендаровски по завршувањето на последниот состанок на Советот за безбедност.

Фала ви на исцрпниот одговор, претседателе, ама мислам дека народот заслужува малку подобро и попрецизно да му објасните зошто прогласувањето вонредна состојба, според вас, не би вродило со плод, особено ако се земат предвид четирицифрените бројки на новозаразени во земјава, а и тоа што повеќе држави во Европа веќе го направија очекуваното.






Оти, со таквите застрашувачки бројки на дневна основа, верувајте дека на народот сега воопшто не му е гајле дали одлуките ги носи Владата или ги носат пратениците. Да бидеме реални, на народот сега му е важно само едно: како да стигне до болнички кревет оној пациент кому му е најпотребно болничко лекување, со оглед на тоа што во болниците нема место игла каде да се фрли.

А за да се намали таа пренатрупаност на болничките капацитети, драг мој претседателе, потребна е вонредна состојба! За да се спасат што е можно повеќе човечки животи, драг мој министре за здравство, потребна е вонредна состојба! Извинете на безобразноста, ама за да имате повеќе (живи) гласачи на следните избори, драг мој премиере, потребна е вонредна состојба!

Зошто? Затоа што сте законски обврзани, бре! Прогласувањето вонредна состојба во Македонија е јасно предвидено во член 125 од Уставот. Во став 1 од овој член пишува: „Вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии“. Точка. Крај на програмата. И не, не се ни обидувајте да играте на таа карта дека во Македонија не е прогласена епидемија, оти дефиницијата за пандемија според американската Асоцијација за професионалци за контрола на зараза и епидемиологија гласи: ,,Пандемија е епидемија во глобални размери”.

Како одговор на тврдењата на властите дека вонредната состојба во моментов не би ни донела некој голем бенефит во борбата против коронавирусот, ќе цитирам еден мал дел од соопштението на владината служба, издадено на 24 март веднаш по прогласувањето на првата вонредна состојба: „Приватните здравствени установи надвор од мрежата на здравствени установи, кои вршат дејност за интензивна нега и терапија, ќе ја вршат оваа дејност во мрежата на здравствени установи за укажување на здравствени услуги на пациенти заболени од заразната болест ковид-19. Фондот за здравственото осигурување на Република Северна Македонија ќе склучи договори со овие институции со кој ќе се утврдат обемот и видот на здравствените услуги кои приватната здравствената установа ќе ги врши во периодот на важењето на оваа Уредба, согласно прописите од областа на задолжителното здравствено осигурување“.

Сакате да кажете дека нема да имаме бенефит ако и приватните болници со полн капацитет повторно се вклучат во лекување заразени пациенти? Тоа, според вас, сега не е потребно, а било нужно кога бројките на новозаразени биле пониски од 30?

Сега ќе ви посочам и пример, а жив сведок е наш колега, новинар. Татко му е во многу лоша здравствена состојба поради ковид-19, но празен кревет во Инфективна за него нема! Семејството било принудено да го однесе пациентот на лекување во една наша позната приватна болница, а оттаму побарале 12.000 евра. Сега, нашиот колега е принуден да собира пари преку донации само за да го исплати долгот и да го спаси својот татко. Имате претстава што значи тоа? Дали човекот има право на бесплатно здравство? Има! Дали човекот добил третман во болница? Не добил, нема место! Дали семејството му е пред банкрот? Му е.

Што повеќе од ова? Што треба да се случи за да дојде време за прогласување вонредна состојба? 5.000 заразени на ден? 100 мртви на ден? Еве, кажете, да си знаеме.

 

Поврзани содржини