„КОГА РЕКОВ ДА СЕ ВИКНЕ ПОЛИЦИЈА, ИЗБЕГА И ТУРНА ЕДНА СЕСТРА НА ПОД“ Директорот Шокаровски ќе го казни „снимателот“ на инцидентите во блокот за операции

1,306

Директорот на Клиниката за кардиохирургија Марјан Шокаровски за Плусинфо потврди дека снимките кои вчера беа пратени во повеќе медиуми се автентични и дека ќе формира комисија за да утврди кој ги испратил во јавноста и против сторителот ќе покрене дисциплинска мерка.

– Точно, на снимката од интензивна нега не сум јас, туку физиотерапевтот. После тоа се втурна кон мене во оперативниот блок каде што се подготвував за операција, ме навредуваше со погрдни зборови. Го замолив да го напушти оперативниот блок затоа што е во цивилна облека без маска, капа и без соодветни обувки на што тој ми се втурна во лице и ме чукна со глава. Кога јас кажав да се викне полиција, тој истрча и на излез турна уште една сестра на под. Отприлика тоа е како вистински се одвиваше целиот немил настан – вели Шокаровски за Плусинфо.






Тој додава дека физиотерапевтот завршил со најсериозни повреди со дисторзија на врат и на бутна коска.

– Сите сме под психолошки стрес, ама затоа човекот е суспендиран и против него се води дисциплинска постапка по неколку основи – додаде директорот Шокаровски.

Тој потврди дека снимките се автентични но дека ќе бара кој ги направил и ги испратил до медиумите.

– Снимките се автентични, меѓутоа некој ги снимил на телефон и ги пратил во јавност. Мене навистина не ми е јасно зошто и ќе формирам комисија во некаква процедура за да утврдам кој го сторил тоа и веројатно и за него ќе има дисциплинска мерка – најави директорот.

МВР вчера соопшти дека во консултација со јавен обвинител преземени се сите неопходни мерки за расчистување на случајот.

„Извршен е службен разговор со лицата, земени се и изјави од очевидци, а прибавени се и снимките од видео надзорот. Притоа, дополнително е утврдено дека во Одделот за интензивна нега С.Ј. физички нападнал друг вработен во болницата. По извршени консултации со дежурен јавен обвинител, добиени се насоки настанот да се води по ЗПП ЈРМ, бидејќи нема елементи и обележја на кривично дело кое се гони по службена должност. Против С.Ј. ќе биде поднесен соодветен поднесок, а по насоки на ЈО за целокупниот настан ќе биде испратено известување до ОЈО Скопје“, соопшти МВР.

Снимки од скандалозен физички напад на д-р Сашко Јовев врз вработен во Клиниката за кардиохирургија вчера беа доставени до медиумите од непозната и-мејл адреса.

СКАНДАЛОЗЕН НАПАД НА Д-Р ЈОВЕВ ВРЗ ВРАБОТЕН НА КЛИНИКАТА ЗА КАРДИОХИРУРГИЈА Кој е нападнатиот?

 

 

 

Поврзани содржини