КОГА ПРАТЕНИЦИТЕ ЌЕ СЕ ИЗЈАСНУВААТ ЗА НАСЛЕДНИКОТ НА ЈОВЕСКИ? Предлогот за Коцевски е стигнат во Собрание, но не е ставен на дневен ред

Собранието ги примило предлогот и документите на 15 јануари и меѓу нив е и мислењето на Советот на јавни обвинители и биографијата на Љупчо Коцевски, кој треба да го замени Љубомир Јовески на претседателската функција на Републичкото јавно обвинителство.

217

Предлогот Љупчо Коцевски да стане државен обвинител е во собраниска процедура, но сè уште не ставен на дневен ред. Кога пратениците ќе се изјаснуваат за наследникот на Љубомир Јовески засега нема најава од Законодавниот дом, објави Телма.

Владата одлучила да му предложи на Собранието да го именува Коцевски на 9 јануари, кога во фокусот на јавноста беа инцидентите во М-НАВ, но тој ден не ја известиле јавноста.






Во соопштението од двете седници одржани информираат за предлогот за разрешување на двајцата директори во македонски навигации и имињата на новите директори, има информација и за други прашања од економијата и одбраната, но ниту збор за предлогот до Собранието за јавен обвинител. Не е објавен ниту записник од оваа седница, а образложението од Владата е дека сè уште не бил потпишан, а тоа најверојатно ќе се случи деновиве.

Собранието ги примило предлогот и документите на 15 јануари и меѓу нив е и мислењето на Sоветот на јавни обвинители и биографијата на Коцевски.

Во 1995 почнува како адвокат, а во 2008 влегува директно во вишото обвинителство во Гостивар. Пред две години е унапреден во Републичкото обивнителство. Претседател е на дисциплинската комисија во обвинителство, член на управен одбор на академијата за судии и обвинители, а учествувал и во комисии за закони. За себе напишал дека е ажурен во работата како обвинител, способен за стручно разрешување на правни прашања и со професионален однос кон работата. И Sоветот има слично мислење за него поради што смета дека ќе биде успешен.

„Советот наоѓа дека кандидатот Љупчо Коцевски со неговите досегашни резултати како адвокат и јавен обвинител, во досегашната долгогодишна кариера се истакнува со стручност и квалитет во работењето, углед и етичност достојни за почит, градење на добри меѓучовечки односи, личен ангажман за стручна надградба и усовршување, организаторски способности за раководење со јавното обвинителство и креирање на односи за успешно и ефикасно извршување и усовршување на целокупната работа на јавното обвинителство“, е мислењето на Совет на јавни обвинители.

Поврзани содржини