КОГА НЕМА ВЛАСТ, НЕМА ШТО ДА ГИ СПОИ АХМЕТИ И ТАЧИ Не се дестабилизира државата, туку Европскиот фронт
Излегувањето на Мендух Тачи од коалицијата е само почеток на крајот за Европскиот фронт, вели министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити на прес-конференцијата за „100 дена Влада“.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити смета дека излегувањето на Мендух Тачи од коалицијата Европски фронт е само почеток на крајот и оти во иднина ќе има поголема дестабилизација во неа.
– Тие не се навикнати да бидат опозиција, сакаат по секоја цена да бидат власт и ниту идеолошки, ниту минатото ги спојува во Европскиот фронт. Таа коалиција не е заради европски вредности и идеологија туку по секоја цена да бидат повторно на власт. Во моментот кога нема власт, нема што да ги спојува. Во моментот кога не се власт, не се дестабилизира Владата или државата, туку полека, но, сигурно се дестабилира Европскиот фронт. Ова е само почеток на нивниот крај – рече Меџити во одговор на новинарско прашање на прес-конференцијата за „100 дена Влада“.
Тој нагласи дека нема директна комуникација со него за евентуално преминување во Вреди.
Прашан за став во врска со предлогот на претседателот на СДСМ Венко Филипче за затворена седница во врска со процесот на евроинтеграција, вицепремиерот Меџити истакна дека сега Владата е таа која ја диктира агендата, и оти работи интензивно на тоа што го има ветено и е во програмата.
– Еден од фокусите или главните приоритети на Владата токму европската интеграција. Опозицијата имаше доволно време, 8 години беа на власт и не покажаа ништо. Ние сме посветени на оваа агенда, а тие треба да се посветат на себе си и на реформата внатре кај нив – рече Меџити.
Тој смета дека не е сериозно, ниту искрено барањето на ДУИ за ветинг на политичарите.
– Ќе им порачам малку да работат на себе си за да бидат атрактивни на политичката сцена, а не да удираат за работи кои самите не ги направиле. Ние буквално овие 100 дена се занимаваме со нивните погрешни решенија или делумни и незавршени решенија – рече Меџити.