Кога ковид-19 ќе биде обична настинка?

Досегашните сознанија сугерираат дека имунитетот што ја блокира инфекцијата е релативно краток, но затоа имунитетот кој ги ублажува симптомите е долготраен.

1,693

Ново истражување на американските научници предвидува дека коронавирусот наскоро ќе стане помалку заразен и ќе биде сезонска болест која ќе предизвикува лесна настинка.

Но, како што наведуваат научниците, тоа ќе се случи откако ковид-19 ќе стане ендемски вирус, односно кога нема да предизвикува масовна зараза.






Истражувањето на научниците од Универзитетот Емори е објавена во списанието „Science“.

„Кога вирусот ќе достигне ваква ендемска состојба зависи од брзината на неговото ширење и од стапката на вакцинација“, изјави за „The New York Times“ водечката авторка на студијата, Џени Лавин, од Емори.

„Значи, треба сите да се изложат на вакцината што е можно побрзо“, наведува таа.

Истражувањето се заснова на шест човечки коронавируси, од кои четири редовно се шират меѓу луѓето и предизвикуваат само благи симптоми. Другите два, тешкиот акутен респираторен синдром (SARS) и блискоисточниот респираторен синдром (MERS), се појавија во последно време и резултираат во висока смртност, но имаат слична генетика како коронавирусот кој предизвикува ковид-19.

Научниците сè уште проучуваат колку долго траат антителата и другите имунолошки клетки откако луѓето прележале ковид-19. Досегашните сознанија сугерираат дека имунитетот што ја блокира инфекцијата е релативно краток, но затоа имунитетот кој ги ублажува симптомите е долготраен.

Ова значи дека некое лице може да биде заразено со коронавирус неколку пати, но секој следен пат не би бил толку сериозен како првиот, што е слично на влијанието на настинките врз телото.

Откако повеќето луѓе ќе стекнат заштита од ковид-19, или преку природна инфекција или преку вакцинација, на коронавирусот најмногу ќе бидат изложени малите деца, а кај нив болеста се манифестира со благи симптоми и поминува полесно.

Но, без масовна вакцинација, наведуваат научниците, ќе бидат потребни години и многу мртви за да се случи тоа.

Дури и во случај на појава на нови соеви на вирусот, како оној што сега се шири низ Велика Британија, во Бразил и во Јужна Африка, научниците тврдат дека имунитетот стекнат од претходните соеви е доволно силен за да спречи сериозни болести.

Поврзани содржини