КОГА ИДНИНАТА ЌЕ ПОБАРА ЗАСОЛНИШТЕ ВО ВРЕМЕТО Можно ли е да ја рециклираме прекумерно произведената историја?
Дали прекумерното производство на историја, која во нашиот регион е доволна за цел континент, а не за еден полуостров, може да се рециклира во, како што вели Господинов, некаква фабрика за рециклирање на историјата? Да се преработи? Па конечно и народите од Балканот да ја видат иднината.
Времето е релативно кога личноста ќе заболи од Алцхајмерова болест или од некој друг вид деменција. Тогаш минатото станува сегашност, а веќе поминатите стравови и надежи, стануваат предизвик на иднината.
Бугарскиот мајстор на пишаниот збор, неповторливиот Георги Господинов е маестрален во неговото дело „Засолниште во времето“.
Најпреведуваниот модерен бугарски писател пишува за парадоксот на минатото, кое на остарените и дементни Европјеци им делува терапевтски во споредба со сегашноста и неизвесната иднина. Алцхајмерот и деменцијата, поради продолжувањето на животниот век се болести кои буквално експлодираа меѓу светската популација, па како што пишува авторот, во моментов има повеќе од 50 милиони луѓе, кои живеат во сопствената релативност за времето.
„Минатото не е само тоа што ти се случило. Понекогаш е она што самиот си го замислил“, пишува Господинов.
Луѓето поради субјективни причини се чувствувале подобро во еден период од животот. Биле млади, безгрижни, задоволни од својата перспектива. Па затоа еден старец на 80-годишна возраст се чувствува подобро во подрумот во кој е рекреирана сценографијата од Втората светска војна, отколку во сегашноста, каде неговата дементна свест е колеблива и застрашена.
Но, дали можеме истото да го кажеме и за државите и нациите? Господинов не е експлицитен и јасен по ова прашање, но секако дека ние имаме право тоа да го поставиме. Дали прекумерното производство на историја, која во нашиот регион е доволна за цел континент, а не за еден полуостров, може да се рециклира во, како што вели Господинов, некаква фабрика за рециклирање на историјата? Да се преработи? Па конечно и народите од Балканот да ја видат иднината.
Дали и нашите општества се заболени од Алцхајмерова болест, па настојуваат да опстојуваат во златните периоди од својата историја, потполно игнорирајќи ја сегашноста, која на многумина им изгледа бесперспективна?
Романот „Засолниште во времето“ на македонски јазик е публикуван во 2021 година, во издание на „Или-Или“, како дел од програмата „Креативна Европа“. Преводот од бугарски на македонски јазик е на Душко Крстевски, дизајнот на корицата е на Марија Смилевска, а лектурата на Виолета Караџовска Стојанова.
Романот е објавен со финансиска поддршка од Министерството за култура на Република Македонија.