Кога и како ќе дознаеме дали „мириса“ на избори?

Ако сака успешно да го заврши она што го почнува, Мицкоски ќе мора да се потруди уверливо да ја докаже дисфункционалноста на овој парламентарен состав. Димитар Ковачевски, премиер и лидер на СДСМ, ќе мора да возврати на тој начин што ќе ги јакне капацитетите на парламентарното мнозинство. Има и трета опција – дијалог, компромиси, договор. Но, таа не вирее во нашата мачо култура, во политиката и во животот воопшто.

3,106

Откако постои политички плурализам во Македонија и откако нашето Собрание е повеќепартиски парламент, сведоци сме на повеќе обиди таа институција да се „развласти“ наспроти волјата на парламентарното мнозинство, да се предизвикаат предвремени избори и власта повторно да му се предаде на народот. Макар на еден ден. Во надеж дека народот ќе одлучи да му ја предаде на некој друг.

Тоа е суштината на сите досегашни бојкоти и блокади, со кои малцинските парламентарни групи, а понекогаш и само поединци (како легендарниот пратеник Тодор Петров, на пример) се обидуваа да го оспорат легитимитетот на парламентарното мнозинство, да докажат дека во парламентот се спроведува недозволена мајоризација и дека таа институција е претворена во обична гласачка машина на владејачката клика. Крајната цел секогаш беше да се издејствуваат предвремени парламентарни избори и промена на власта.






Во тридецениската историја на младата македонска демократија (млада и несовршена, денес стасана до стадиум на хибриден режим) покажува дека само еден парламентарен состав досега успеа од почеток до крај да го истера својот четиригодишен мандат без присуство на пратениците на опозицијата. Станува збор за периодот од 1994 до 1998 година, кога пратениците на СДСМ и на Сојузот за Македонија владееја сами, во отсуство на опозициските пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, кои го бојкотираа парламентот. Власта на СДСМ беше разнишана на локалните избори во 1996 година, а во 1998 година доживеа катастрофален пораз.

Бојкотот, блокадите, филибастерингот и мирните и ненасилни протести се легитимен облик на политичка борба во секое демократско општество. Но, легитимен и е обидот да се задржи власта. Спротивставените наративни со кои се бранат едната или другата опција – од една страна, тезата дека власта нема легитимитет и ја упропастува државата, а од друга страна, тврдењето дека опозицијата со блокади работи спротивно на интересите на граѓаните – се слушнати и преџвакани во многу наврати досега. И тие се легитимни, се разбира. Токму како и повиците на некои трети актери, кои од двете спротивставени страни бараат да најдат заеднички јазик и да ги решат недоразбирањата.

Но, политиката, таа „ковачница на страсти“ (како што ја нарекува Грамши), не се води секогаш со разум, со искрен и плоден дијалог, со спремност за компромиси. Многу често, всушност, битките мора да се истераат до нивниот краен исход, макар тоа било и „ужасен крај“ – кој, според една гнома што им се припишува на многумина, а од некаде ја „собрал“ и Дамјан Груев, е подобар од „ужас без крај“. Не знам дали таа фаталистичка теза ќе се потврди и во овој случај и дали така ќе заврши и оваа битка што ја почнува Христијан Мицкоски на 10 мај, но ако новата политичка криза не се реши со преговори, ќе се решава со демонстрација на моќ и сила – не насилство, туку сила! – во парламентот.

Што значи ова?

Досегашните искуства покажуваат дека пресудно за исходот на оваа етапа од долготрајната македонска политичка криза ќе биде сознанието колкав е објективниот легитимитет на владејачката структура и нејзиниот реален капацитет за донесување одлуки, во редовните собраниски деловнички процедури. Кога во 2014 година инсистирав СДСМ да го бојкотира парламентот – една година пред тоа, всушност, но и на денот на онаа изборна кланица таа година – мене ми беше совршено јасно дека новото парламентарно мнозинство на Никола Груевски ќе биде дисфункционално, со сериозно оспорен легитимитет и без реален капацитет да одлучува за најважните државни прашања. Кога после 15 месеци пратениците на СДСМ се вратија во парламентот, Македонија веќе беше друга земја, а и врапците знаеја дека падот на режимот на Груевски веќе беше започнат.

Значи, по одлуката на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Христијан Мицкоски на ваков начин да предизвика предвремени избори, СДСМ има право да се лути, да води кампањи на персонално и на какво било друго ниво, да го убедува народот дека опозицијата работи на негова штета и на штета на државните интереси, има право на евентуалните протести да одговори со контрапротести, има право да стори сè што мисли дека треба да се стори, за да се спречат предвремено избори. Но, ништо од сето тоа нема да биде толку важно колку што ќе пресуди реалната моќ на парламентарното мнозинство и во ваква деликатна ситуација да произведува политики, да одлучува, да носи закони, да биде функционално и сето тоа заедно во рамките на процедури предвидени во Уставот, законите и во собранискиот Деловник.

Ако Мицкоски успее да докаже дека ова парламентарно мнозинство нема таков капацитет, предвремените избори, порано или подоцна, ќе бидат неизбежни. Кога се чувствува „мирисот“ на изборите, партиите вообичаено се бодрат и го прифаќаат предизвикот, бидејќи тезата дека власта мора да се задржи до крајот на мандатот и изборите мора да бидат редовни, всушност, ја застапуваат само оние кои се плашат од пад на популарноста. Таа мачо култура доминира во сите сфери на животот, па и во политиката.

Оттаму, целата приказна и сите полемики за смислата и за бесмисленоста на блокадите и на политичките акции што ги најави ВМРО-ДПМНЕ се интересни и забавни за народот (којшто изгледа не може да преживее без нашите локални дневно-политички препирки), но во основа се небитни за развојот на „драмата“ и за исходот во последниот чин.

Битно е нешто друго. Парламентот е институција во која се претставени, се артикулираат, се спротивставуваат и се разрешуваат конфликтите меѓу различните политички и други интереси на социјалните групи. Ако претставеноста не е реален одраз и пресек на политичката волја на избирачите, ако парламентот не е способен да произведува решенија за прашања за која е потребна мнозинска волја на претставниците на народот (од обична до двотретинска мнозинска волја за најважните одлуки, плус Бадентерово мнозинство за еден посебен корпус прашања) и ако Собранието не може да ги разрешува конфликтите на легитимен начин, тие неминовно ќе се излеат надвор од меандрите на институциите. Тоа е оној момент за кој велиме дека „власта се тркала по улиците“.

И затоа, лидерите на власта и на опозицијата, ако веќе не можат да најдат заеднички јазик, сега треба да се фокусираат на своите главни задачи. Ако сака успешно да го заврши она што го почнува, Мицкоски ќе мора да се потруди уверливо да ја докаже дисфункционалноста на овој парламентарен состав. Димитар Ковачевски, премиер и лидер на СДСМ, ќе мора да возврати на тој начин што ќе ги јакне капацитетите на парламентарното мнозинство и при тоа ќе ги почитува сите пропишани процедури и непишани правила на поведение, кои налагаат легитимната власт во едно демократско општество да се спроведува без мајоризација и со почитување на гласот на малцинските политички групи.

Не сум сигурен дека нашите политички водства се спремни, а и способни, да ги препознаат своите ролји во вакви деликатни ситуации. Се ми се чини дека и оваа епизода само ќе покаже дека нашата земја е во долгогодишна политичка криза и дека политичките институции не ги залечуваат, туку само ги продлабочуваат конфликтите во длабоко поделеното македонско општество.

Можеби затоа и изборите решаваат се и на крајот не решаваат ништо – граѓаните не се ништо подобри и поумни од своите политички избраници (на кои им симнуваат ѕвезди од небото), дури и во оној единствен ден, на секои две, три или четири години, кога тие ја преземаат власта во сопствени раце и одлучуваат кому ќе ја предадат.

 

Поврзани содржини
na