Кога гневот не е доволен

Непочитувањето на стандардите, корупцијата, алчноста – се злостори што ја предизвикаа оваа трагедија. И за нив мора да има правична казна, низ суд, низ закон, а не низ одмазда. Но, ако сакаме вистинска промена, мора да погледнеме и во себе.

2,355

Деновиве Македонија плаче. Пожарот во дискотеката во Кочани однесе околу 60 млади животи – деца што едвај почнале да го вкусат светот.

Нема зборови што можат да ја опишат болката на нивните семејства, ниту празнината што ја оставија зад себе.






Како граѓанин, како човек, стојам пред оваа трагедија со тешко срце и со прашања што не ме оставаат на мир. Но, меѓу тагата и гневот, чувствувам и нешто друго – вина.

И сакам да зборувам за тоа, не за да се оправдам, туку за да ги повикам сите на разговор што одамна го должиме. Гневот е природен. Кога толку многу млади ќе згаснат во една ноќ, нормално е да бараме виновници.

Социјалните мрежи се преплавија со бес – повици за одмазда, секој со своите политички убедувања – едни кон градоначалникот, други кон државната секретарка што потпишала дозвола, трети кон владата …

Разбирам од каде доаѓа тој гнев – од чувството дека системот повторно нè изневерил. Од сознанието дека пожарот не бил „случајност“, туку последица на неодговорност, корупција и пропусти. И да, мора да има правда.

Оние што дозволиле дискотеката да работи без стандарди, оние што земале мито или затвориле очи, мора да одговараат.

Но, дали барање одмаздата е решение? Таа не ги враќа нашите деца. Античкиот филозоф Сенека некогаш рекол: „Гневот е краткотрајно лудило“.

Денес, во ерата на социјалните мрежи, тоа лудило стана јавно и заразно. Луѓето си даваат за право да бидат судии и џелати од тастатура, без да ја видат целата слика.

Ќе речат „можеби Градоначалникот немал ингеренции да ја затвори дискотеката, но можел да прати противпожарен инспектор“. Претпоставувам дека секретарката потпишала документ, можеби не ни знаејќи каде е Кочани, врз основа на извештај дека „сè е во ред“.

Владата е дел од систем што 34 години се градел на врски, импровизации и „не е моја работа“. Не ги правдам. Сите носат одговорност, но се прашувам, дали само институциите, сегашни или бивши? Дали нечија оставка или линч би го сменила системот?

Не. Тоа е илузија. Тоа е барање волшебно стапче во кое сакаме да веруваме кога сме бесни. Ама еве каде чувствувам вина. И можеби не сум сам во тоа. Колку пати сум одминал покрај скршена клупа во парк, со кородиран шраф што штрчи? Колку пати сме виделе олабавен ракофат на скали, дупка на патека, и сме си рекле „не е моја работа“? Ако некој седне на таа клупа, се повреди и – не дај Боже – умре од тетанус, сите ќе викнеме „системот не чини!“. Ќе прашаме „каде биле службите?“.

Да, точно, каде се службите, но, каде бевме ние? Нема војска што може да ги провери сите клупи во држава од милион и пол возрасни луѓе.

Нема инспектори за секој ракофат, за секоја дискотека, за секој подрум кој изигрува меана, со или без дозвола. Системот не е само власт, судство или законодавство.

Системот не е само корупција на високо ниво – системот сме и ние. Секогаш кога бараме „некој во министерство“ да ни заврши работа, секогаш кога се јавуваме во школо за „една двојка да напише професорот“, секогаш кога бараме кој братучед го знае доктор или судијата, па и секогаш кога не пријавиме очигледна неправилност, ние го храниме тој ѕвер што потоа нè голта.

Ова не го кажувам за да ги оправдам оние што директно затаиле во Кочани. Непочитувањето на стандардите, корупцијата, алчноста – се злостори што ја предизвикаа оваа трагедија. И за нив мора да има правична казна, низ суд, низ закон, а не низ одмазда.

Но, ако сакаме вистинска промена, мора да погледнеме и во себе. Зошто молчиме кога гледаме дека нешто не е во ред? Зошто чекаме некој друг да реагира? Зошто дозволуваме мали пропусти да прераснат во катастрофи? Зошто сме мудри само после ужаси додека сме тапоглави суштества пред неправилностите кои ги гледаме?

На семејствата што ги изгубија своите деца, сакам да им кажам: вашата болка е наша болка. Ништо не може да ја врати смеата на тие млади души, ниту да го избрише ужасот од таа ноќ.

Да се обидеме пред себе и пред другите да си ветиме дека нивната смрт нема да биде залудна – не со празни повици за казни, туку со заложба дека ќе бидеме подобри, како граѓани, како заедница.

Да пријавиме кога нешто не е во ред. Да бараме одговорност од себе пред да ја бараме од другите. Да градиме систем што нема да ги јаде нашите деца.

Огорчен сум. Огорчен сум на неодговорноста што ни ги зеде овие животи. Огорчен сум на себе, што сум дел од култура што премногу често одминува. Но, од таа огорченост сакам да изградам нешто – повик до сите нас да престанеме да бидеме само гневни сенки на социјалните мрежи.

Да бидеме луѓе што реагираат, што пријавуваат, што се борат за правда пред да биде предоцна. Овие деца заслужуваат правда. Заслужуваат систем што ќе ги штити нивните врсници утре.

А ние сме тие што мора да го направиме тоа – не со закани, туку со храброст да се смениме себеси. Само така нивните имиња нема да бидат само бројка во трагедија, туку потсетник дека можеме да бидеме подобри.

Не знам дали Плусинфо ќе одлучи да ја објави оваа колумна. Сосема ги разбирам ако решат дека не треба. Конечно – и јас сум човек.

Поврзани содржини