🎥 КОГА ЌЕ ЈА ВКЛУЧИМЕ, ЌЕ ЗАЖАЛИМЕ! Зборувам за невработеност од 98%, вели експерт за Суперинтелигенција
Д-р Роман Јамполски, професор по компјутерски науки, кој повеќе од 15 години работи на развоој на Вештачката интелигенција, а последните 10 години на Безбедност на ВИ, вели дека Суперинтелигенцијата ќе има капацитет да го уништи човечкиот живот каков што го знаеме, а можеби и целосно.
Дали светот навистина влегува во ера во која машините ќе нè престигнат на секое работно место? Д-р Роман Јамполски, професор по компјутерски науки и еден од првите што зборуваа за безбедност на АИ, вели – да, и тоа побрзо отколку што мислиме. Според него, следната деценија ќе ја трансформира економијата, навиките и смислата што многумина ја наоѓаат во својата работа.
Јамполски признава дека некогаш верувал во „безбедна АИ“, но долгогодишното истражување го натерало да го смени курсот.
– Колку повеќе навлегував, толку повеќе сфаќав дека секој дел од таа равенка е нерешлив. Наместо трајни решенија, индустријата нуди „закрпи“ – и секоја нова генерација модели ги пробива за рекордно време – вели тој.
Пресвртот, според него, доаѓа мошне брзо: до 2027 ќе видиме функционална Општа вештачка интелигенција (GAI), а уште до 2030 хуманоидни роботи со доволна подвижност и вештина, кои ќе извршуваат и физички задачи – од работа во кујна до поправање водоводен дефект. Тоа не е научна фантастика, туку тренд што големите компании веќе го забрзуваат, вели експертот.
– Како изгледа тоа во пракса? Прво исчезнуваат канцелариските рутини – сè што се прави на компјутер. Потоа доаѓа редот на физичките занимања: кога роботите ќе добијат сигурни раце и стабилни нозе, задачите за кои денес плаќаме занаетчии ќе станат работа за софтвер во тело - вели Јамполски.
Тука доаѓа и најконтроверзната прогноза: „не зборуваме за 10% туку за 99% невработеност“. Не затоа што луѓето нема да сакаат да работат, туку затоа што ќе биде неекономично некој да ги вработи. Пазарот, едноставно, ќе избере евтина, моментална и бескрајно раасположива „армија“ од дигитални работници – вели Јамполски.
Иако звучи мрачно, Јамполски не бега од човечката страна на приказната. Економски, вели, светот со „бесплатен труд“ може да обезбеди изобилство и ефтини добра, но вистинската криза започнува кога ќе се постави прашањето колку има смисла животот без работа.

– За многумина професијата е идентитет. Кога ќе исчезне, останува празнина – предупредува тој.
Владите, според него, не се подготвени за ваков пресврт. Дали е решение во воведување Универзален основен приход? Можно, но недоволно.
– Ќе имаме луѓе кои цел ден ‘кулираат’. Какви се последиците на тоа во општеството? За криминалот, наталитетот, за менталното здравје? Нема план“, сугерира Јамполски. Прашањата се чувствителни, а одговорите се уште се магливи.
Наивно е, додава тој, да мислиме дека „ќе се преквалификуваме“. Ако создавате алатка што го заменува самиот изумител – интелигенцијата – тогаш новото работно место исто така го презема АИ.
– До вчера им велевме на сите: научете да програмирате. Денес АИ програмира подобро од повеќето – потсетува тој.
Постои ли оптимистички излез? Да – ако ја направиме Суперинтелигенцијата безбедна. Тогаш таа може да ни помогне со климатската криза, со војните, со болестите.
– Ако ја погодиме, таа станува мета-решение. Ако не – ништо друго повеќе не е важно. Ризикот е, пак, што никој денес не знае како да се гарантира безбедност на вештачката интелигенција – резимира Јамполски.
Тој признава дека спие мирно, колку и да звучи парадоксално.
– Човекот има вграден механизам да не мисли постојано на најлошото, особено кога не може да го смени исходот. Можеби токму тоа ни овозможува да живееме нормално во ненормално време – вели со мала доза црн хумор.
Скептиците наведуваат историски аналоги – секоја индустриска револуција создавала нови работни места. Јамполски возвраќа: ова не е „уште една алатка“, туку последната алатка — изумување на изумител. „Овој пат не иновираме чекан, туку ум што прави нови чекани“, вели тој.
На крајот останува клучната дилема: дали ќе имаме зрелост да го забавиме трчањето кон Суперинтелигенција додека не научиме да ја контролираме? Или ќе кликнеме ‘вклучено’ и потоа ќе жалиме?
– Моментот кога ќе ја вклучиме, најверојатно ќе зажалиме – предупредува Јамполски — реченица што звучи како предупредувачки наслов за целата следна деценија.