Воопшто не е случајно што една Тејлор Свифт ја пее „Антихерој“ (2022). Кога упорно повторува: „Здраво, еве ме, јас сум проблемот“, или „I end up in crisis, I wake up screaming from dreaming“, таа знае што и кому говори! Таа го знае пулсот на младите генерации, оние кои одат на нејзините концерти и скапо ги плаќаат нејзините песни.
И секоја генерација и секое општество си има свои антихерои. Но веднаш да појаснам: поимот антихерој овде, во контекстот на нашето општество, ги подразбира македонските властодржечки гарнитури и нивните приврзоци последниве две децении само како генеричен поим, како блага метафора за генерации и генерации криминално коруптивни и аморални политикантски структури во оваа земја што продефилираа пред нашите очи. И оставија катастрофално деструктивен печат врз македонското секојдневие. Денес, ги береме тие „плодови“. Особено младите генерации!
Тие кај нас пеат за локалните криминалци како нивни херои, за нивните врсници – деца на македонските политичари – на кои им е сѐ дозволено, за системот што продуцира лажни икони и приглупи политиканти, за полуписмени медиумски ѕвезди и фрапантно неуки инфлуенсерки, дивеат низ звуците на турбо фолкот и „сјајот“ на кичот што ги опкружува. Кога имате политички „елити“ од коишто првата од едно модернистичко ремек дело на архитектурата прави грозоморен кичерај, а другата комотно се вселува во истиот и се чувствува како дома, тогаш што понатаму очекувате од овие млади? Ако кај нас криминалот само се констатира но не се гони, ако корупцијата е азбука на системот…, какви мислиме дека ќе бидат младите генерации, оние кои така лефтерно ги „пушти низ вода“ еден од актуелниве „херои“-праматари?
Следствено, општество во коешто антихероите владеат, кога тие се доминантен дел од јавниот живот, не може да биде конструктивно, нормално општество. Општество во коешто и најголемиот дел од медиумската „политика“– особено во електронските медиуми! – се конципира околу такви личности, не може да биде здраво, прогресивно општество. И кога и во образованието, културата, науката… општеството прифаќа исти или слични прототипови, тогаш тоа општество си потпишува смртна пресуда. Но потпишува смртна пресуда и за својот подмладок, што така радикално го гледаме денес. А утре ќе биде полошо!
Ние сѐ уште не можеме да го објасниме овој процес. Додуша, не се ни обидуваме. Не се обидовме ни кога среде Скопје го поставија оној „грандиозен“ воин на коњ, ни кога пред судовите никна споменикот на Ќосето, ниту пак кога со државни пари се градеа, и се градат, споменици во слава на убијците во етничкиот конфликт од 2001 година. Кога едно општество безгласно ќе потклекне пред налетот на „концептот“ за идентификација со такви антихерои, тогаш патот за денешниве е многу полесен. Многу пати пишував дека штетите од „Скопје 2014“ се/ќе бидат долгорочни и во многу насоки убиствени. Иако за нив буквално никој не одговараше. Еднакво убиствени се и страотните културно-образовни штети од последниве политикантски „елити“, а за коишто, повторно, никој не одговара. За нив и „Кум“, во сите три дела, е детска играрија. Ама за Корлеоневци барем семејството/децата беа светиња.
Во таа насока, младите немаат други примери за идентификација освен овие што секојдневно им ги пласира македонската реалност: криминалот како modus operandi, насилството како метод, неказнивоста како политичка мерка. Впрочем, имате вицепремиерка која после толку години во власта (9 години пратеник и 2 години вицепремиер за добро владеење) вели дека „Има промена во начинот на однесување кај некои функционери, во зголемување на свесноста, меѓутоа тоа е прашање на време, не се случува преку ноќ“, тогаш ќе се прашате: а колку години трае ноќта во Македонија? Предолго, нели? А со ноќта и овие политикантски гарнитури коишто се како амеби – се размножуваат по пат на митоза односно саморепродукција.
Случувањата од Србија, и не само таму, логично се прелеваат и кај нас, како што и српските антихерои – од Аркан па наваму – во разни форми се појавија и овде. И поттикнаа коекакви локални будали. Прашање е само колкави размери ќе добива тој „увоз“ и какво ниво на деструкција. Но, кој овде мисли на тоа? Никој друг туку градоначалникот на Општина „Центар“, кој очигледно нема соодветен работен ангажман во својот ресор бидејќи му ги одземаат надлежностите кој како и кога ќе стигне. Нему пред нос среде Скопје повторно му никнуваат дивоградби како во времето на Трајановски, на Водно владее хаос, ама тој се преоблекува во педагог и им објаснува на децата дека списоците не биле „игра или шега“! И дека „со таа тема нема играње“. Какви „високостручни“ совети! Па и полицијата, немајќи попаметна работа, а по сугестијата на некаков смешен градоначалник или директор на училиште кој не умее да „врзе“ простопроширена реченица, ќе се впушти во рации по училиштата ловејќи деца со списоци.
И сега тие деца, чија суштина на постоењето во тие години е токму играта – да, често со трагични последици, но благодарејќи на нечија тотална неспособност и негрижа – ќе го разберат сериозно паднатиот од Марс Герасимовски и ќе престанат со списоците? Или можеби тоа треба да им го каже оној Ковачевски, кој со месеци ги замајуваше со решавањето на проблемот со заканите со бомбите, или со учебниците, или со матурите… или со коридорите итн.?
И не дека нема кој да каже два нормални збора, но или не доаѓа на ред од партискине приврзоци и квазиексперти – меѓу нив и она налудничаво барање децата да бидат секојдневно тестирани за наркотички супстанци – или молчи бидејќи, нели, само тие имаат работа, само тие имаат семејства, само ним им зависи животот од оваа власт. Молкот на струката, на професијата – не само за акутните проблеми со младите коишто одамна прераснаа во хронични – односно препуштањето на полето за акција на секакви партиски шушумиги, само ја апострофира сложеноста на проблемот и неможноста за негово успешно консолидирање.
Власта, очигледно е веќе, ги гледа децата само како инструмент во одделни политики, во нивните унии на млади сили како инкубатори за оние политикантски саморепродуктивни амеби или како штит пред критичките тонови на јавноста. Затоа, впрочем, им го праќаат оној Герасимовски, онаа „професоркана“, и сите останати партократски згоени министерски и пратенички персони на кои играта со мобилните телефони им е поважна од темата за младите. Следствено, од кого ние очекуваме сериозни решенија на проблемите? Од овие слепци?
Да не остане некажано, уште еднаш: секоја генерација има свои антихерои. Во едни дамнешни времиња, тоа беа бит и хипи „антихероите“, Џек Керуак и Боб Дилан, Џони Штулиќ и Мик Џегер… кои го предизвикуваа естаблишментот со нивното слободарско однесување и спротивставувањето на малограѓанските митологии. Но не беа – криминалци!
Кастро, Че, Лумумба… беа сепак борбени, револуционерни личности со херојски, или „антихеројски“ епитети, но пречесто беа злоупотребени за политички цели („Црвени бригади“ и др.).
Но зошто младите денес не се угледаат на еден Асанж, на пример, или на Грета Тунберг? Затоа што дома ја имаат само локалната варијанта на корлеоновската лоза, затоа што никој одамна не говори за позитивни примери, туку им ги сервира медиумско рекетарскиве пијавици што одработуваат за оној кој повеќе плаќа.
И ние мислиме дека младите не го гледаат тоа? И не избираат што е поприфатливо за нив, кога веќе не можат да студираат во Солун, во Париз или Лондон, па и во Њујорк, зошто да не, нели?
Извор: Теодосиевски уметност