КОЧНИЦА ЗА ТРАМП ОД ФРАНЦИЈА И ОД ИТАЛИЈА? Земјите не сакаат да плаќаат за американското оружје за Украина

Париз и Рим не ја поддржаа иницијативата земјите на НАТО и ЕУ да купуваат оружје од САД кое потоа ќе биде испорачано во Украина, пишуваат Политико и „Ла Стампа“, повикувајќи се на високи функционери. Од друга страна, Германија е „целосно посветена“ на идејата, пишува Киев Индепендент.

748

Франција и Италија нема да учествуваат во новата иницијатива на НАТО за финансирање на испораката на американско оружје во Украина, објавија Политико и „Ла Стампа“, повикувајќи се на неименувани владини претставници од двете земји.

Иако е долгогодишен поддржувач на Украина, Франција одлучи да не учествува во планот, кој беше откриен за време на состанокот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во Вашингтон на 14 јули.






Според планот, НАТО ќе купи напредно американско оружје, вклучително и системи за воздушна одбрана, од кои некои ќе бидат испорачани во Украина.

Други европски земји – вклучувајќи ги Обединетото Кралство, Холандија и неколку нордиски држави, го поддржаа договорот. На 15 јули, Трамп изјави дека дополнителни испораки на ракети „Патриот“ и друга воена опрема веќе се на пат за Украина.

Трамп исто так рече дека ракетите во Украина ќе ги испорача Германија и дека САД ќе бидат обесштетени за секој долар.

Според Киев Индепендент, Германија е „масовно инвестирана“ во оваа иницијатива, рече Руте, додавајќи дека Трамп ја дал својата поддршка по интензивната координација со Берлин.

Зошто Франција и Италија го одбија новиот механизам на Трамп за испорака на оружје? Според двајца  француски претставници, Франција одби бидејќи претседателот Емануел Макрон го промовира зајакнувањето на ЕУ со купување оружје произведено во Европа.

Франција, исто така, се соочува со буџетски ограничувања и зголемени цели за трошење на одбраната поради поширок економски притисок, објави Политико.

Италија зазеде слична позиција. Според „Ла Стампа“, италијанските власти ја исклучиле можноста за директно купување американско оружје, наведувајќи ги фискалните ограничувања и фокусот на земјата на други воени технологии, како што е италијанско-францускиот систем за воздушна одбрана SAMP/T, кој веќе е испорачан во Украина.

Сепак, италијанското Министерство за одбрана нагласи дека одлуката не треба да се толкува како недостаток на поддршка за Украина, туку како повик за наоѓање алтернативни начини за придонес во заедничките напори.

Според „Ла Стампа“, Италија во моментов разгледува барање од НАТО за поддршка во логистичкиот транспорт на американско оружје до Украина, без разлика дали по воздушен, железнички или морски пат,  и сигнализираше дека нема да се „повлече“ од овој придонес.

Коментирајќи ја иницијативата на НАТО и САД за финансирање на оружје, полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски рече дека трошоците за вооружување на Украина не треба да ги сносат европските даночни обврзници, туку да бидат покриени од замрзнати руски средства.

 

Поврзани содржини