Кочани со највисок процент на новозаразени од ковид-19 изминатата недела
Според анализата на Институтот за јавно здравје изминатата недела има заболени од сите возрасни групи, а најзастапена е возрасната група над 60 години
Во текот на изминатата недела намален е борјот на новозаразени и смртни случаи од ковид-19, покажува анализата на Институтот за јавно здравје.
Од 21 до 27 септември се регистрирани 28 смртни случаи и 890 новозаболени од ковид-19 при извршени 9.691 тест.Кај новозаразените случаи во однос на претходната недела е забележано намалување од 6,4 отсто , додека кај смртните случаи е регистрирано намалување од 41,7 отсто во однос на минатата недела.
Најголем дел од регистрираните нови случаи се од Скопје (n=315; 35,4%), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кочани – 175,1 на 100.000 жители.
Процентот на позитивни случаи од тестирани во овој период изнесува 9,2 отсто или 0,6 отсто помалку во однос на претходната недела.
Според анализата има заболени од сите возрасни групи, а најзастапена е возрасната група над 60 години(n=184, 20,7%).
Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40-49 години (n=172; 19,3%), 50-59 (n=161; 18,1%), 30-39 (n=152; 17,1%) и 20-29 (n=121; 13,6%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=28; 3,1%) и 10-19 години (n=72; 8,1%).
Од случаите кои се епидемиолошки истражени (n=864; 97,1%), регистрирани се 138 (16,0%) хоспитализирани, а кај 231 (26,8%) лица е регистрирано присуство на коморбидитети.
Од вкупниот број на нови случаи во периодот 21-27 септември, 332 (38,5%) имаат контакт со потврден случај. Регистрирани се 27 лица со историја на патување (во последни 14 дена).
По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 705 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што претставува зголемување за 11% во однос на претходната недела.
Пријавени се 28 смртни случаи, намалување од 41,7% во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 23 лица биле над 60 години, 4 на возраст од 50-59 и еден од 40-49 години. Сите починати биле хоспитализирани. Коморбидитети се регистрирани кај 25 починати лица.