КОЧАНИ ЌЕ ДОБИЕ НОВ ЦЕНТАР ЗА МЛАДИ Простор за дружење, гимнастика и за креативни активности
Министерот за здравство Азир Алиу говореше за стратегијата заснована на 5 столба, со планови на краток, среден и на долг рок. За секој столб се формирани работни групи од најмалку 10 членови, кои ќе имаат редовни средби со Министерството за здравство за решавање на предизвиците.
Кочани ќе добие Центар за услуги и простор за млади, во кој ќе можат да се извршуваат разни друштвени и физички активности, со места за социјализација, гимнастика и за други активности кои може позитивно да ги поттикнат жителите на градот, изјави новиот министер за здравство, Азир Алиу на денешниот брифинг со новинарите.
По трагедијата што се случи во Кочани, Министерството презема координација на процесот за системска поддршка, а новиот Центар ќе има јасно дефинирана работна група од домашни и од странски експерти.
– Во контекст на Кочани, имавме средба со сите експерти надвор од државата и во државата, родители, со млади погодени од трагедијата, па решивме дека Министерството за здравство ќе го преземе целиот процес, а нашите активности ќе се прилагодат на конкретните потреби. Работна група од Министерство за здравство ќе раководи со тоа и со решавање на предизвиците. Има краткорочни и долгорочни процеси. Ќе отвориме Центар за услуги и простор за младите од Кочани, поради што државата ќе треба да размислува на долгорочен план. Размислуваме сите процеси да бидат централизирани – посочи министерот.
Алиу изрази надеж дека таквиот центар ќе ги поттикне младите да основаат свои проекти кои ќе помогнат за наоѓање иновативни решенија за подобрување на здравството, посочувајќи дека Министерството за здравство е спремно за соработка со разни организации.
– Министерството ќе биде отворено за соработка со сите институции и невладини организации, но ќе инсистира процесите на помош и на учество да бидат јасно дефинирани од експерти – рече министерот за здравство.
Салата во болницата во Кочани ќе биде функционална во најкус можен рок
Алиу изјави дека операционата сала во болницата во Кочани ќе биде функционална во најкус можен рок, со современа инфраструктура, а веќе се работи со група експерти.
– Иако Кочани ни е приоритет, не ги забораваме ниту останатите делови од државата. Ќе делуваме итно во сите здравствени установи за да обезбедиме непрекинато добивање медицински услуги. Интензивно работиме на ангажирање соодветен кадар во согласност со законските прописи бидејќи новите вработувања се еден од нашите клучни приоритети – истакна министерот.
„Ако има потреба, ќе стане и во 3 часот наутро“
Министерот за здравство изнесе и детален план за насоките на Министерството под негово водство, засновано на 5 столба и фази што вклучуваат краткорочен, едногодишен и тригодишен акциски план.
Министерството веќе формирало работни групи за секој столб, со минимум по 10 луѓе од група, кои ќе имаат редовни средби со раководството на Министерството за да се решаваат тековните предизвици.
Дополнително, ќе се создадат и специјализирани работни групи за менаџирање кризни состојби, кои ќе работат транспарентно.
– Ќе креираме акциски план со јасно дефинирани процеси и резултати за секоја точка. Ако е 3 часот наутро и има потреба, одговорниот ќе мора да оди на работа – порача Алиу.