КОЦЕВСКИ ТВРДИ ДЕКА ИНТЕРПЕЛАЦИЈАТА Е ПОЛИТИЧКИ МОТИВИРАНА Јавниот обвинител категоричен дека немал влијание ни договор со премиерот Мицкоски

Собраниската расправа за интерпелацијата за работата на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски е закажана за 29 јули. 

253

Јавниот обвинител Љупчо Коцевски писмено одговори на интерпелацијата поднесена од шестмина пратеници на партијата Левица, обвинувајќи ги за политичка злоупотреба и неразбирање на функцијата што ја извршува.

„Оваа интерпелација е политички, а не правно заснован инструмент со кој само се овозможува упад во самостојноста на Јавното обвинителство“, пишува јавниот обвинител Љупчо Коцевски во својот официјален одговор доставен до Собранието.






Интерпелацијата содржи четири клучни точки на обвинување: селективна истрага за трагедијата во Кочани, политички договор со премиерот Христијан Мицкоски, хаос во Вишото обвинителство Скопје и непостапување за урбаната мафија во Скопје.

Во однос на трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, Коцевски тврди дека Јавното обвинителство не работи селективно и дека истрагите ги опфаќаат сопствениците, обезбедувањето, одговорни лица во повеќе институции, па дури и високи полициски службеници.

„Не постои ‘чопоративно’ обвинение – секој осомничен одговара за свои дејствија“, наведува Коцевски, додавајќи дека се чувствува горд на обвинителскиот тим кој за кратко време прибрал голем број докази. Тој тврди дека родителите на жртвите биле детално информирани и дека довербата во обвинителството се зацврстува.

На наводите дека е постигнат политички договор со премиерот Мицкоски за негово останување на функција во замена за селективност, Коцевски одговара со категорично негирање.

„Никогаш немало обид за политичко влијание врз мене. Иницијативата за мое разрешување беше исто толку неоснована како и оваа интерпелација“, посочува тој.

Коцевски додава дека и Советот на јавни обвинители дал негативно мислење за негово разрешување, а Европската комисија во последниот извештај посочила на недостатоци во иницијативата.

За состојбите во Вишото обвинителство Скопје, Коцевски вели дека имало сериозни проблеми, но смета дека токму тој презел одговорност.

„Поведов дисциплински постапки против шефот и против уште еден обвинител. Дисциплинската комисија едногласно утврди тешки повреди. Ќе молчев ли додека се повлекуваат жалби и се нанесува штета на буџетот?“ – прашува обвинителот.

Во последната точка, која се однесува на наводно непостапување за бесправната градба во Скопје, Коцевски одговара дека веќе се оформени предмети и во ОЈО Скопје и во Обвинителството за организиран криминал. Дел од постапките се во фаза на предистрага, а на надлежните институции им се дадени конкретни наредби за прибирање докази.

„Обвинителството не работи по наративи, туку по факти и пријави. Секој што знае за кривично дело има обврска да го пријави, а не да очекува обвинителството да отвора случаи само врз основа на јавни изјави“, наведува Коцевски.

На крајот од писмото, Коцевски ја отфрла тезата дека во обвинителството владее „токсична и нефункционална атмосфера“ и се повикува на Извештајот на Европската комисија, кој нотира напредок во борбата против корупцијата, зајакната институционална соработка и функционални истражни центри.

„Оваа интерпелација нема правен основ, ја дискредитира институцијата и нанесува штета на угледот на јавните обвинители. Апелирам до пратениците да ја отфрлат, а со тоа и да ја заштитат самостојноста на обвинителската функција“, пишува Коцевски.

Собраниската расправа за интерпелацијата за работата на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски е закажана за 29 јули.

Поврзани содржини