КОЦЕВСКИ, СДСМ И ДУИ СЕ ШТИТАТ МЕЃУСЕБЕ Зошто нема ниту една истрага за криминал на поранешните функционери, прашува ВМРО-ДПМНЕ
Очигледно е дека СДСМ и ДУИ стојат зад заштитата на Коцевски, кој за возврат не презема ништо за наводните злоупотреби и сомнежи за висока корупција како и за сомнителни тендери поврзани со Филипче, Заев и со Ахмети, велат од владејачката партија.
СДСМ ги штитат корумпираните обвинители и судии бидејќи им овозможуваат закрила на нивните функционери. Клиентелизмот на јавниот обвинител Љупчо Коцевски е гаранција за заштита и неказнивост на функционерите од СДС и ДУИ, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Поддршката што Коцевски ја доби од Филипче е меѓусебна заштита која ја гуши правдата во државата. Бидејќи доколку падне Коцевски, ќе се отворат врати за истраги како против Филипче така и за останатите функционери од СДСМ и од ДУИ. СДСМ со негласањето на интерпелацијата целосно се разголи, и на виделина пред јавноста излезе спрегата помеѓу СДСМ, ДУИ и Коцевски. Очигледно е дека СДСМ и ДУИ стојат зад заштитата на Коцевски, кој за возврат не презема ништо за наводните злоупотреби и сомнежи за висока корупција како и за сомнителни тендери поврзани со Филипче, Заев и со Ахмети“, се наведува во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека со одбивањето да ја поддржат интерпелацијата, СДСМ и ДУИ јасно покажаа кој го поставал Коцевски и кој го одржува на функцијата јавниот обвинител.
„Се додека Коцевски е на позицијата, довербата во правосудството ќе биде помала од 2%, а одговорност за криминалите поврзани со СДСМ и ДУИ нема да има. Доколку постои грам морална одговорност кај Коцевски, треба да ја препознае пораката од јавноста и да си поднесе оставка. Во Македонија неопходно е правдата да завладее, неопходни се коренити реформи и трансформација на судскиот систем“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.