КОЦЕВСКИ НЕМА ДА ГИ ВИКНЕ НА РАПОРТ ОБВИНИТЕЛКИТЕ ШТО ОБВИНИЈА НЕВИН ТАТКО Ќе одговара ли некогаш обвинител кој гони без докази?

Од Јавното обвинителство сметаат дека од самиот почеток до крај постапувале исклучиво во рамките на своите законски надлежности и со максимално почитување на правата на сите страни во постапката , а потврда за тоа биле осудителните пресуди за четири лица, но не ја коментираат ослободителната пресуда за таткото Александар Ѓоревски, кого го обвинија со тешко обвинение, а не го докажаа и не планираат да ги повикаат двете обвинителки да објаснат како го воделе предметот, во кој падна и обвинението за грабнувањето на Панче Жежовски.

1,186

Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски нема да ги викне на рапорт обвинителките Жаклина Крстевска Јосифовска и Ана Стојковиќ Димитровска, ниту шефот на скопското обвинителство Гаврил Бубевски за начинот на кој го водеа предметот со убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски, во делот со обвинението против таткото Александар Ѓорчевски, кого тие без докази го обвинија дека помагал во грабнувањето на неговата ќерка и година и пол го држеа во притвор, а Кривичниот суд му пресуди дека не е виновен и го ослободи. Обвинителството смета дека постапката е водена правилно!

ЈО е упорно дека не му биле прекршени правата на Александар!






Плусинфо постави повеќе прашања за начинот на кој обвинителките ја водеа истрагата и докажувањето на вината пред Судот, како и дали ЈО планира да ја прошири истрагата, со оглед дека останаа повеќе неодговорени прашања и покрај четирите пресуди доживотен затвор за Љупчо Палевски Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и за Влатко Кешишев.

Од Обвинителството не сметаат дека ги прекршиле правата на ослободениот татко Александар Ѓорчевски, кој пред судот сведочеше дека му е извршена брутална тортура од полицијата и тврдат дека доказите се прибавени на законски начин.

– Јавното обвинителство од самиот почеток до крај постапува исклучиво во рамките на своите законски надлежности и со максимално почитување на правата на сите страни во постапката и на исклучително високиот јавен интерес за овој предмет. Потврда за тоа се осудителните пресуди за четири лица, кои врз основа на поднесеното обвинение и доказите прибрани со наредби на Обвинителството, Судот ги огласи за директно виновни за најтешкото кривично дело во македонското законодавство и им изрече казна доживотен затвор – одговорија од ЈО за Плусинфо.

Во текот на целата постапка, додава Обвинителството, ниту обвинетите, ниту нивните бранители не побараа извојување на доказни материјали, вклучително и на исказите дадени пред јавен обвинител, врз основа на некаква повреда на членот 12 од Законот за кривична постапка (ЗКП), односно во однос на законитоста на кој било од прибраните докази.

Признание изнудено со тортура не важи на суд!

Според член 12, кој се однесува на законитоста на доказите, забрането е да се изнудува од обвинетиот или од друго лице кое учествува во постапката признание или некаква друга изјава, а доказите што се прибавени на незаконит начин или со кршење на слободите и правата не можат да се користат и врз нив не може да се заснова судската одлука.

Бранителот на Александар, Владимир Туфегџиќ, во повеќе наврати и за време на судењето и во изјави пред медиумите рече дека врз неговиот клиент е вршена силна тортура и дека доставил докази за тоа. Но, обвинителките упорно тврдеа дека тортура немала, како врз Александар, така и врз останатите кои сведочеа дека се тепани – Манев, Видевски и Кешишев.

– За секој од обвинетите во предметот Обвинителството презентираше докази пред судот, обезбедени во законита постапка, и тоа вербални искази снимени согласно од одредбите од ЗКП, во кои во ниту еден момент никој од обвинетите не изнесе наводи за тортура во полициската постапка, како и соодветни материјални докази за поткрепа на наводите од обвинението. Напомнуваме дека подоцна, во текот на судската постапка, обвинетите имаат право да го менуваат исказот, па дури и да изнесуваат невистини во своја одбрана, поради што Законот предвидел можност за визуелно и тонско снимање на нивните искази пред јавниот обвинител. Бидејќи истите беа дадени без присила, со признание од двајца за детали околу начинот на извршување на делото, Јавното обвинителство има обврска да ги земе како релевантен доказ, во корелација со другите факти, особено имајќи предвид дека тие во целост беа на иста линија со другиот доказен материјал – објаснува ЈО.

Останувале посветени, ама и досегашните индиции ги игнорираа

На прашањето на Плусинфо дали Јавното обвинителство ќе ја прошири истрагата или ќе отвори нова, за да одговори на прашањата дали осудените убијци имале логистика во институциите, дали мотивот е тероризам, дали има и други членови на „групата за грабнување и за убивање луѓе“, како што се покажа и со петтото лице, Зоран Давитков, кој беше посочен дека ги скрил или ги уништил пиштолот и радиостаниците што се користени за злосторствата, ЈО штуро одговори дека остануваат посветени.

– Јавното обвинителство останува посветено на натамошно истражување на овој настан, сè додека има какви било индиции за можна инволвираност на други лица – одговорија од Јавното обвинителство.

Оливер Спасовски ја доведе јавноста во заблуда

Владимир Туфегџиќ, бранителот на ослободениот Ѓорчевски вели дека не е изненаден од ставот на Обвинителството и дека очекува притисок од Обвинителството во жалбената постапка по секоја цена таткото на детето да биде осуден.

– Имено, во конкретниот случај токму од прес конференцијата на министерот Оливер Спасовски јавноста беше информирана дека истражните органи имаат цврсти докази и телефонска комуникација помеѓу таткото на детето и Љупчо Палевски и сите ние поверувавме во тоа. Не е дозволено да се доведува во заблуда јавноста со некакви теории за логични заклучоци, бидејќи самиот јавен обвинител во завршните зборови потврди дека докази за таква комуникација не постојат и поради тоа Судот го ослободи Александар. Обвинителството не успеа да го докаже ниту кривичното дело грабнување на Панче Жежовски и затоа сите четворица обвинети се ослободени за ова кривично дело, иако признаа вина во овој дел – вели Туфегџиќ.

Доказите на обвинителството му ги дадоа Велибор Манев и Влатко Кешишев, додава тој, буквално водејќи ги за рака обвинителите од доказ до доказ.

– Тие ги открија местата и телата на жртвите со целосен опис на дејствијата на секој поединечно, а факт е дека се докажа дека токму овие обвинети не укажаа на постоење на доказ за комуникацијата на таткото, едноставно затоа што такво нешто не постои. За каков логичен заклучок говори обвинителот кога нема ниту еден доказ за комуникација на таткото со обвинетите ниту на 24 ноември ниту на 27 ноември 2023 година, ниту има доказ за постоење комуникација во период од најмалку еден месец наназад, бидејќи за вакви кривични дела претпоставка е постоење на претходен договор и траен однос на извршителите и соизвршителите – вели Туфегџиќ.

Дали Стојковиќ Димитровска вака бранеше од тортура и додека работеше во Хелсиншки комитет?

Обвинителството, додаде тој, не најде за сходно да ѝ укаже на јавноста дека неоснованото барање за продолжување притвор по донесена ослободителна пресуда било ненамерен превид, напротив, тие се убедени дека така е исправно.

– Во врска со тортурата врз Александар има извештај од Хелсиншкиот комитет за човековите права со дозвола на судија на претходна постапка, кој е доставен до Обвинителството. Јавниот обвинител Ана Стојковиќ Димитровска пред да стане јавен обвинител беше правник токму во истиот Хелсиншки комитет, па затоа користам прилика јавно да ја прашам, дали вака ги застапуваше граѓаните кога бараа заштита на човековите права и поради тортура додека беше правник во комитетот? Конечно, чекаме одговор и резултати од оваа истрага која мора да продолжи со други луѓе, на суштинските прашања, за мотивот, списоците за ликвидација и дали сме сигурни дека немало и други обиди за грабнување на други луѓе во минатото – вели бранителот Владимир Туфегџиќ за Плусинфо.

Овие прашања заслужуваат одговор

Освен за проширување на истрагата и за одговорноста на обвинителките, Плусинфо постави и други прашања до Јавното обвинителство, но оттаму не дадоа одговор.

Прашавме: Како ќе влијае врз предметот новата истрага за осомничениот Зоран Давитков? Дали републичкиот обвинител Љупчо Коцевски смета дека обвинителките Жаклина Крстевска Јосифовска и Ана Стојковиќ Димитровска правилно ја водеа истрагата, особено што во услови на непронајден пиштол со кој се убиени жртвите, тие не придадоа значење на сведочењето на Манев дадено во судницата во март дека постои петто лице, нивен соработник, а откако Манев во својот завршен збор го посочи кријачот на пиштолот со име и презиме, практично го принуди ЈО да го приведе на распит Зоран Давитков? Зошто обвинителот Коцевски не реагираше порано на непостапувањето на двете обвинителки? Дали Јавното обвинителство не реагираше на исказите на четворица од обвинетите дека им е вршена тортура, со цел да им се изнуди признание, затоа што е можно дека признанијата навистина се изнудени со тортура, а таквите признанија не важат на суд?

Плусинфо праша и дали ЈО ќе истражи зошто двете обвинителки досега не постапиле по известувањето од 18.1.2024 година испратено од бранителот Владимир Туфегџиќ за доставување медицинска документација за констатирани повреди од вршење тортура врз сега ослободениот Александар Ѓорчевски? Зошто обвинителките до денешен ден не го проследиле тоа известување до надлежното ЈО за гонење организиран криминал и корупција, во одделението кое постапува за сторени кривични дела од страна на полицијата? Прашавме и дали двете обвинителки ќе бидат повикани во републичкото обвинителство да го објаснат начинот на водењето на постапката, темелите на обвинението, градењето на теоријата на случај и докажувањето, особено што имаат ослободителна пресуда за Ѓорчевски, но и за делото квалификувано како грабнување од користољубие во случајот со киднапирањето на Панче Жежовски?

Јавноста има право да знае како работи Обвинителството, особено во случаи со вакви тешки обвиненија, како кон таткото на убиеното дете, кое не го докажаа на суд

Поврзани содржини