КОЦЕВСКИ ЧЕКАШЕ ДО ПОСЛЕДЕН ДЕН ЗА ДА ИМ КУПИ ВРЕМЕ НА НЕГОВИТЕ НАРЕДБОДАВЦИ Обвинители заташкувале повеќе од 40 случаи од висока корупција поврзани со СДСМ и со ДУИ
Според Петрушевски, оставката на Љупчо Коцевски претставува значајна победа за правната држава.
Со оставката на јавниот обвинител Љупчо Коцевски се става крај на еден мрачен период, во кој обвинителството беше перципирано како партизиран механизам, а не како независна институција во служба на законот, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, тоа е јасен сигнал за крајот на практиките на заштита на поранешната власт на СДСМ и ДУИ и почеток на процесот на департизација и европеизација на јавнообвинителската дејност.
– Оставката на Коцевски не е персонално, туку единствено системско решение. Ова е јасна порака дека никој не е недопирлив. Ова е почеток на демонтажа на заробените од СДСМ и ДУИ институции. Дали преку обвинител кој има некакви релации или пак директни релации, се координирале меѓусебно, додека ги штитеше криминалците од СДСМ и ДУИ? Дали затоа и чекаше оставката да биде на последниот ден кога ќе биде разрешен за да им купи време на неговите наредбодавци? Исто така, дали е точно дека група обвинители на чело со Коцевски заташкуваат преку 40 случаи на висока корупција против корумпираните функционери на СДС, ДУИ и други партии? – праша Петрушевски и додаде дека ова е почеток на вистинска, неселективна правда.
Според пратеникот, фактот што оваа оставка доаѓа дури сега, а не уште од првиот ден кога беше очигледно дека институцијата е компромитирана, само дополнително ја потврдува длабочината на проблемот и обидите со месеци да се одржи статус кво кое служеше на поранешната власт.
ВМРО-ДПМНЕ ќе инсистира овој момент да биде преточен во конкретни и суштински реформи кои ќе обезбедат независно, професионално и департизирано обвинителство, во интерес на граѓаните и владеењето на правото.