Коцарев: Македонскиот јазик се формираше пред да се формира државата

Кризата во Македонија е истовремено момент на можност, своевидна катарза, момент на расплетување, решавање и отплеткување, момент што доаѓа на почетокот на она што Данте го нарекува комедија, пишува академик Љупчо Коцарев.

379

Македонскиот јазик се формира многу пред формирањето на државата Македонија. За македонските особености на одделни црковнословенски ракописи се укажува одамна, на пример, во студиите за Добромировото евангелие (Jagić 1898), Болоњскиот псалтир (Щeпкин 1906), Охридскиот апостол (Кульбакин 1907). Во тој контекст, би потцртал дека во МАНУ и во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ се издадени повеќе ракописи во коишто се потврдува македонското потекло на документите: Струмички апостол, Григоровичев паримејник, Вранешнички апостол, Радомирово евангелие, Радомиров псалтир, Загрепски триод, Орбелски триод, Македонско четвороевангелие, Карпинско евангелие и други, пишува академик Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, во најновата колумна во Нова Македонија.

„Докази за диференцијацијата на македонскиот и бугарскиот јазик може да се најдат на веб-страницата на МАНУ. Виктор Фридман, член на МАНУ, член на повеќе балкански академии и лингвист што познава над 20 јазици, вели: Македонскиот и бугарскиот јазик се деца на истиот јужнословенски родител, како што се норвешкиот и шведскиот јазик деца на истиот северногермански родител. Имајќи ги на ум сите овие научни тврдења, факти и укажувања, недвојбено станува јасно дека трите документи, Преспанскиот, Бугарскиот и Рамковниот, од научна гледна точка, се бесмислени, ништовни, апсурдни, неприфатливи, празни и некорисни! Во врска со резолуцијата би издвоил неколку дополнителни и важни податоци, особено имајќи ги предвид дискусиите во јавноста за нејзината поврзаност со МАНУ. Резолуцијата НЕ е документ на МАНУ. ЧЕТИРИ научно-правни нивоа го афирмираат преттекстот од кој е фактички напишана резолуцијата. Во резолуцијата се преземени делови од Македонскиот манифест, којшто на 3 декември 2020 г. го потпишаа легитимните претставници на МАНУ, МПЦ-ОА и УКИМ. Станува збор за документ потпишан од тројца легални претставници на три македонски институции, а не за документ на самите институции“, пишува Коцарев.






Манифестот, додава тој, е произлезен од документот „Промеморија за државотворноста и идентитетот на македонскиот народ“ усвоен од Претседателството на МАНУ на 15 ноември 2020 година.

„Во овој случај не станува веќе збор за документ потпишан/одобрен од три раководни лица, туку станува збор за институционален акт, за акт донесен од соодветен орган во МАНУ. Промеморијата ги црпи своите заклучоци од Повелбата за македонскиот јазик, којашто е усвоена на седницата на Собранието на МАНУ од 3 декември 2019. Информативно, Собранието на МАНУ го сочинуваат сите членови на МАНУ! И, во овој случај, повторно, не станува збор за документ потпишан/одобрен од три раководни лица, туку станува збор за институционален акт, за акт донесен од највисокиот орган на МАНУ. Повелбата за македонскиот јазик ја сублимира и истакнува законската и статутарната обврска на МАНУ да ја остварува координативната и обединувачка грижа за македонскиот јазик, преку вршење приоритетни и фундаментални научни истражувања со другите научноистражувачки и високообразовни установи. Документите: Законот и Статутот на МАНУ, Повелбата, Промеморијата и Манифестот се достапни на веб-страницата на МАНУ за сите, вклучувајќи ги политичките и општествените чинители во државава! Тие не треба да ги злоупотребуваат документите на МАНУ, туку напротив, користејќи ги нив, треба да градат соодветна научна аргументација, особено во клучните преговарачки процеси за државава“, пишува академикот.

Коцарев го поставува прашањето: Како понатаму?

 

„За да одговорам на ова прашање, ќе потсетам дека во 2020 г. се навршија 700 години од појавувањето на делото „Божествена комедија“. Македонија во 2021 г. е распарчена, разнебитена, понижена од расправии, неукости, корупции и дивеења. Парафразирајќи го Данте во Божествена комедија, да замислиме дека се будиме во темна шума, воздухот е горчлив, сенките се застрашувачки. Свесни сме дека во Македонија сѐ е наопаку. Но кризата во Македонија е истовремено момент на можност, своевидна катарза, момент на расплетување, решавање и отплеткување, момент што доаѓа на почетокот на она што Данте го нарекува комедија. Така се надевам дека и кризата во Македонија ќе се реши, расплетка, надмине, расчисти. Прашањето не е дали тоа ќе се случи, тоа мора да се случи, но како? Ги знаеме чекорите, ако не знаете, прашајте, видете, осврнете се, не е погубно ниту за вас, ниту за Македонија, туку напротив, тоа е единствениот спас за сите, а погубно и срамно е ова што досега ни се случуваше. Решенијата треба да се прости и строги, но и мудри и достоинствени“, пишува Коцарев.

Поврзани содржини