КОАЛИЦИЈАТА СО СЕЛА Е ЗА ГРАДЕЊЕ ИДНИНА На Мицкоски доста му е од поделби
Мицкоски посочи дека на СДСМ и на ДУИ им пречи коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со Алијанса и со Алтернатива. Граѓаните сакаат коалиции со коишто ќе им се покаже иднината, а не да ги враќаат во минатото.
Не е поентата да се занимавате со политика и да делите. Поентата е да се занимавате со политика и да обединувате. На крајот од денот ние во политиката не сме влегле со сето знаење кое што го имаме. Растеме, стекнуваме искуство, се обликуваме како политичари, нашата понуда ја обликуваме, ја адаптираме на реалната ситуација, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при гостување во емисија на ТВ Шења.
Мицкоски додаде дека коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Алтернатива е коалиција за создавање на иднината, а не да се навлегува во прашања коишто ќе создадат поделби.
– Ако јас сега мојата кампања и коалицијата со Алијанса и Алтернатива ја градам на тоа што ќе направам негативна кампања, потсетувајќи ги Албанците за Бит пазар, за Тетово, за Гостивар и така натаму, тогаш ова сѐ што го зборувам јас сега со вас овде е лага. А, тоа го прават овие од СДСМ и од ДУИ, креирајќи спотови, монтираат со мене и со господинот Села, со господинот Гаши. За каква иднина тогаш тие зборуваат – праша Мицкоски.
Тој посочи дека на СДСМ и на ДУИ им пречи коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со Алијанса и со Алтернатива. Граѓаните сакаат коалиции со коишто ќе им се покаже иднината, а не да ги враќаат во минатото.
– Тоа што се обидовме да го расчистиме уште при нашата прва средба и со Зијадин Села и со Африм Гаши е дека оваа наша различност треба да биде наша предност и да не обедини. Ние сите сме се родиле во оваа наша Македонија, тука сме поминале многу убави моменти, сме се радувале, имало и моменти кога сме тагувале, и најверојатно сите ние нашите животи тука ќе ги завршиме во наша Македонија. Но, прашањето е што ќе оставиме зад нас. За тоа јас нема да се вратам и да се спуштам на тоа ниво како што тоа го прават нашите политички противници. Туку само ќе дадам одговор едноставен дека ги разбирам, ги жалам, но не можам да ги оправдам. Тие нека останат во минатото, а ние ќе ја градиме иднината, иднината за нашите деца и внуци – рече Мицкоски.
Мицкоски посочи дека мотив и цел на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Алтернатива е градење на подобра иднина за идните генерации.