КОАЛИЦИЈАТА Е СТАБИЛНА И ПОСИЛНА ОД КОГА БИЛО После десет години Македонија има нов политички амбиент, вели Алиу
Азир Алиу: Имаме нов политички амбиент, граѓаните ја избраа промената – коалицијата ВЛЕН е посилна од кога било.
Министерот за здравство Азир Алиу изјави дека по десет години Македонија конечно има нов политички амбиент и дека резултатите од локалните избори потврдиле дека граѓаните сакале промена.
– После десет години имаме нов амбиент во државата. Нашата коалиција не беше задкулисна, како што беа досега. Едно збореа, друго работеа. Ние докажавме дека сме различни – изјави Алиу, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на Клиниката за кардиологија.
Тој додаде дека коалицијата Вреди е стабилна и посилна од кога било, бидејќи, како што рече, покажала дека договорените политики навистина се спроведуваат на терен.
– Докажавме дека и на централно и на локално ниво знаеме да ги имплементираме политиките така како што се договараме. Резултатите тоа го потврдуваат. После овие избори, нашата коалиција е сигурна и посилна – порача министерот.
Според Алиу, граѓаните уште пред десет години посакувале промени, но тоа било оневозможено поради, како што рече, политичките притисоци и влијанието на администрацијата под контрола на ДУИ.
– ДУИ десет години опстојуваше без вистинска желба на граѓаните за такво владеење. Сега, кога за првпат настапија на избори како опозиција, се покажа дека сите општини во државата се менаџираат од стручњаци од Вреди – изјави Алиу.
На новинарско прашање дали ќе остане министер за здравство, тој нагласи дека секогаш ќе работи посветено, без разлика на позицијата.
– Мојот профил е да работам секој ден, каде и да сум. Верувам во мојата експертиза и резултатите кои ги постигнуваме. И понатаму ќе бидам министер за здравство – додаде тој.